Daily news
(ВИДЕО) Заев се надева дека договорот со Бугарија ќе се „испегла“ до 1 август

Балканот споделува заедничка историја, Европа споделува заедничка историја, па и светот. Да не гледаме назад кон минатото, да ги затвориме отворените прашања и да продолжиме заедно да се радуваме на заедничката иднина, изјави премиерот Зоран Заев по затворената седница на Комисијата за надворешна политика, каде што пред опозицијата и пред партиите од албанскиот блок неколку часа го образложуваше нацрт-договорот со Бугарија.
Заев изрази надеж дека договорот би можел да биде потпишан на 1 август, и тоа во Црна Гора, каде Македонија ќе биде ко-домаќин на самитот на кој главен гостин ќе биде потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
Дотогаш Заев очекува да бидат надминати сите дилеми и прашања кои ги загрижуваат политичките чинители во земјава. Сè додека не се стави потпис на договорот, сите опции се отворени, вели премиерот.
Тој оцени дека Договорот за добрососедски односи со Бугарија успешно ја завршил конститутивната фаза на денешната Комисија за надворешни работи. „Тука ги слушнавме сите грижи околу него, но и позитивни ефекти. Нашата желба е да го потпишеме овој договор, но ниту еден поединец не одлучува туку Парламентот“, додаде тој.
Според премиерот, двете држави ќе работат заедно за националните интереси и за европската интеграција. „Можам да потенцирам дека нема дилеми дека се работи за две држави и за два народи. На овој начин отвораме перспектива на градење добри односи со соседите и стануваме пример за соработка во регионот. Ретки се овие случаи на договор помеѓу две држави кои се договараат сами, а притоа да не одлучуваат политички ‘тешкаши’“, рече Заев.
Тој оцени дека овој договор ќе отвори нова ера на соработка меѓу Македонија и Бугарија во однос на патната инфраструктура, во размена на стоки и услуги. „Трговската размена со Бугарија сега изнесува 500 до 600 милиони евра – зошто да не биде една милијарда?“, рече Заев.
Премиерот додаде дека е договорено и да се работи на изградба на Коридор 8, но и да има нови гранични олеснувања, да се отвори нов премин кај Берово, како и заеднички да се работи на надминување на недобронамерната пропаганда. Двете земји ќе се борат против национализмот и говорот на омраза.
„Бугарија е земја која нè поддржува без условување за името и така имаме сериозен партнер во евроинтеграцијата.
Ова ќе биде успех на сите претходни влади затоа што процесот е почнат уште во 2009 година. Оттогаш се одржани 10 заеднички комисии меѓу двете држави и сметаме дека е време да ги затвориме сите прашања од минатото. Го повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии да дададат поддршка на нови односи кои ќе водат кон политика на пријателство и отворање нови перспективи. Со потпишувањето на овој договор стануваме држава која решава проблеми, место држава која создаваше проблеми“, потенцираше Заев.
На новинарското прашање за заедничката историја на двете земји и дали во разговорите за ова прашање се вклучени и МАНУ и БАН, Заев одговори дека нивните односи придонеле за порелаксирана клима и нивните пријателства ќе придонесат повеќе за заокружување на овој процес.
Габриела Д. Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.