Daily news
Законот за државни службеници и за реконструкција на затворите на дневен ред на Владата
Владата денеска ќе ја одржи 36-та седница на која ќе разгледа прашања од повеќе области, а меѓу нив и Предлог-измените на Законот за административни службеници.
На дневен ред на седницата е Уредбата за распоредувањето на одредени стоки во Комбинираната номенклатура согласно со регулативите на Европската комисија, а на предлог на вицепремиерот за економски прашања ќе биде разгледана информацијата за склучување на меморандум за разбирање со Швајцарската агенција за развој и соработка за програма за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.
На предлог на Генералниот секретаријат, министрите ќе расправаат и за предлог-измените на Одлуката за формирање на Совет за соработка меѓу Владата и граѓанскиот сектор.
Во делот на железничката инфраструктура ќе бидат разгледани предлог-измените на Одлуката за основање на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници и информацијата за потреба од доставување на апликација за обезбедување на техничка помош грант средства од Акцискиот план CONNECTA за проектот „Изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ меѓу Македонија и Србија, за изработка на техничка документација за пристапен пат меѓу патниот и железничкиот премин.
На предлог на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ на оваа владина седница ќе биде разгледана информацијата за спроведување на пошумувањето предвидено со акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“ за есенскиот дел во 2017 година.
Пред членовите на Владата на денешната седница, Управата за извршување на санкции ќе ја презентира информацијата за напредокот на проектот „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија“ и информацијата за изградба на притворско одделение со придружни објекти и судница во Казнено-поправната установа „Идризово“.
Министрите на денешната седница ќе расправаат и за предлог-измените на Правилникот за начинот и постапката на вршење на официјалните контроли на производите од животинско потекло наменети за исхрана на луѓето, на предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и предлог-измените на Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аква културата за оваа година.
Од страна на Министерството за економија ќе биде презентирана информација за текот на преговори за пристапување кон спогодбата на Светската трговска организација за јавни набавки со предлог-текст на иницијална понуда, а ќе биде разгледана и информацијата во врска со извршената евалуација од јавниот повик за доделување концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини. На дневен ред е и информацијата во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2017 година. Министрите ќе ја разгледаат и информацијата во врска со донесување на Програма за изменување на Програмата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2017 година.
На предлог на Министерството за економија, владата ќе го разгледа извештајот за реализација на Програмата за реализација на „Стратегијата за развој на енергетиката за период 2013 – 2017 година“, за 2016 година, а Управата за јавни приходи, на предлог на Министерството за финансии, ќе ја презентира информацијата на Управата за јавни приходи за прогрес во реализација на проектот “Е-Аукции – продажба на запленета стока за наплата на даночни долгови во првото полугодие на 2017 година”.
Министерството за животна средина и просторно планирање на седницата ќе ја презентира информацијата за напредокот во спроведување на ЕУ-ИПА проектот „Изградба на пречистителна станица за отпадни води Прилеп“.
На денешната владина седница е и Предлог-решението за именување претседател, национално контакт лице, членови и секретар на Националната комисија за мало и лесно оружје, како и извештаите за работата на повеќе јавни претпријатија и други друштва и компании во државна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.