Daily news
Започнува аплицирањето за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија
Министерството за економија објави јавен повик со кој започна аплицирањето за субвенционирање микро, мали и средни претпријатија, кои вработуваат над 3 лица.
Од Министерството појаснуваат дека со оваа мерка се субвенционираат трошоци за набавка на опрема и алати (70 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 300.000 денари); дизајн на производ и изработка на визуелен идентитет на производот/услугата – веб-страница, дизајн на логотип, рекламен материјал и учество на домашни саеми во текот на 2017 (70 отсто од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари) за секоја од двете мерки. За оваа мерка, во согласностс со Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2018 година, предвидени се 20.000.000 денари, а кофинансирани ќе бидат докажаните трошоци за предвидените намени настанати во 2016, 2017 и во 2018 година, освен за намената учество на домашни саеми во текот на 2017 година.
Средствата од субвенциите не се наменети за кофинансирање трошоци што веќе претходно биле кофинансирани преку мерките од Програмата за конкурентност, иновации и претприемаштво за 2016, 2017 и за 2018 година за набавка на потрошен материјал, возила и компјутери и компјутерска опрема, за износот платен за ДДВ за намените за кои се бара кофинансирањето; за царина за намените за кои се бара кофинансирањето; за курсни разлики; за закупнина за деловен простор; за трошоци чие плаќање е направено со компензација. Но, ако се случи претпријатието што аплицира за кофинансирање трошоци за оваа мерка да престане со вршење дејност пред истекот на 1 година од датумот на добивање на средствата, основачот на фирмата има обврска да врати 80 проценти од доделените финансиски средства по основ на предвидените намени во период од 12 месеци, што ќе биде предмет на проверка од страна на Министерството за економија преку Централниот регистар на Република Македонија.
Право на учество на јавниот повик имаат претпријатија регистрирани како ТП, ДООЕЛ, ДОО од лица државјани на Република Македонија, кои ги исполнуваат следните услови: работење во траење од најмалку 3 месеци пред објавувањето на јавниот повик, да имаат деловно седиште на територијата на Република Македонија, да имаат минимум 3 вработени на неопределено полно работно време и со намирени обврски кон државата и вработените.
Овие субвенции не се наменети за претпријатија чија претежна дејност e земјоделство шумарство и рибарство; рударство и вадење камен; снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината; трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (освен 45.20); транспорт и складирање (освен 52.10, 53.10 и 53.20); објекти за сместување и сервисни дејности со храна (освен 56.21); финансиски дејности и дејности на осигурување; административни и помошни услужни дејности (77.22, 81.2, 82.19 и 82.92); образование; дејности на здравствена и социјална заштита; уметност забава и рекреација (90.03, 93.13 и 93.21); други услужни дејности (освен 95.1, 95.2 и 96); дејности на домаќинствата како работодавци, дејности на домаќинствата што произведуваат разновидна стока и вршат разни услуги за сопствени потреби; дејности на екстратериторијални организации и тела; правни и физички лица што вршат дејност како сметководители, ревизори, адвокати, нотари, извршители, стечајни управници и проценители; претпријатија над кои е поведена стечајна постапка или ликвидација.
Јавниот повик е отворен до 31.8.2018 година, а изборот на апликантите што ги исполнуваат условите утврдени во јавниот повик, ќе се прави запазувајќи го принципот прв дојден, прв услужен, односно по редослед на поднесување на апликациите, до исцрпување на расположивите средства. Потребните документи за пријавување може да се подигнат од архивата или од веб-страницата на Министерството за економија www.economy.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.