Daily news
„За Заедничка Македонија“ со нови протести
Иницијативата за Заедничка Македонија на Фејсбук најави нови протести. Во нивната објава се вели:
Браќа и сестри и другари и другарки. Сите кои Верувате во Македонија, во идејата за заедничка Македонија…
Борбата е долга и никогаш не престанува.
Ќе пробаат со се да не разбијат. Со спинови, со навреди, со закани. Со етикетирања и со навреди. Сакаат да не нема од улиците, од нашиот пат, бидејќи се плашат од нас и бидејќи нашиот пат не е и нивни пат. Нашиот пат е пат на достоинство, чест и ред, нивниот пат е пат на силување на демократијата и газење на Уставот и законите во Република Македонија.
Нема да им помине. Нема да успеат, без оглед на тоа што некој мисли во моментов. Нема, бидејќи ние сме тука. Бидејќи ние веруваме. И бидеќи ќе бидеме поупорни од нив.
Веруваме во правото, веруваме во правдата. Веруваме во борбата против современите начини на окупација на една земја.
Работите треба да ги нарекуваме со вистинското име. Ова не е демократија. Ова не е правда. Ова не е суверенитет.
Ова е еден вид на окупација, со самоназначен пара-претседател на Собрание. И оваа евробирократска дивоградба на моќни сили, создадена на брзина, секогаш ќе остане дивоградба. Не може да ја легализира никој освен граѓаните на избори. И колку и некој да не сака да ги слуша граѓаните, ќе дојде ден кога гласот на народот ќе победи. Бидејќи гласот на граѓаните за Заедничка Македонија е глас за почит, глас за љубов, глас за мир, разум и достоинство. Глас за гордост, почит и против дискриминација. Тој глас ќе победи. Бидете сигурни во тоа. Но, до победата, мора да се бориме.
Тоа е нашиот ген. Победите не доаѓаат поклонети, ниту пак доаѓаат лесно. Слатки се кога се заслужени, итоа со сопствени сили. Таков е Македонскиот ген. Се бори секогаш. Тоа е пирејот кој не може да исчезне, кој не може да биде уништен. Тоа е пирејот кој секогаш ќе го има и секогаш ќе расте. Како Фениксот кој се издига од пепел, така и ние ќе се издигнеме од пепелта во која некои сакаат да ја покријат слободната волја на граѓаните, правото и демократијата во Македонија.
Граѓани на Заедничка Македонија… Како изгледа животот без ред? Редот е процедура. Редот е законот. Кога некој го гази редот и го крши законот, и за тоа бара легитимитет во окупациските методи на недоброамерниците кон Македонија, тогаш борбата против окупаторот е единствена опција. Бидејќи ако не се бориме, утре ќе дојдат и од дома ќе не иселуваат, противзаконски, со изговор дека за тоа амин им дал некој костумосан бирократ од најдлабоките темнини на местата каде зборот демократија и правда, закон и ред, се газат и пеплосуваат, се користат само кога и како што некому му одговараат.
Браќа и сестри и другари и другарки, сите за Заедничка Македонија,
Во таква ситуација борбата против „окупаторот“ е единствена опција. Борбата која Уставот кој не го кршиме ни ја овозможува на мирен демократски начин. Со постојаност, со истрајност, со непопуслитвост. Ова е борба за принципи, ова е вистинската борба за правдина во Македонија.
А во таа борба, најсилното и единственото оружје сме сите ние.
И ќе победиме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.