Daily news
Иванов во Полска: Создавајте трајни вредности наместо минливи виртуелни илузии
Лидер е оној што предводи, што создава тимови и нуди решенија. Во зависност од тоа колку ве следат, толку е вашата моќ да бидете лидери. Има многу луѓе што имале многу идеи, но немале следбеници. Оние што создаваат проекти и визии и кои ги следат, тие се предводници, тоа се лидери, им порачал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на учесниците 12. Економски форум на млади лидери во Нови Сач, Полска, каде што говореше како специјален гостин.
„Не барајте изговор дека вашето време допрва доаѓа, вашето време е сега. Сето ваше знаење и искуство што го имате треба да биде применето бидејќи вашата генерација, со животот на преминот од еден во друг милениум, создаде кај вас поединци кои се многу поинвентивни и покреативни од сите претходни генерации“, нагласил Иванов во обраќањето пред младите лидери. Тој додал дека во овој период на доминација на стравот друга идеја што може да ги мобилизира луѓето е идејата за надежта, а таа доаѓа од оние што ја гледаат иднината од аспект на сегашноста. „Така што вие не сте генерација на иднината, вие сте генерација на сегашноста“, порачал шефот на државата.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, тој посочил дека напредокот во технолошките иновации, растечката демографија, незапирливите миграции, рапидната урбанизација, климатските промени, се дел од големите промени и предизвици со кои ќе се соочуваат младите, а најголемиот предизвик за т.н. милениумци е преносот на идеите и вредностите од минатото. „За разлика од претходните генерации, вие одбивате слепо да им верувате на авторитетите. Тоа е прв услов за критичко размислување. Вие не сте заложници на стереотипите и предрасудите на постарите генерации“, истакнал Иванов.
Македонскиот претседател нагласил дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност да бидат социјално активни за многубројни прашања за кои претходните генерации не сакале да ги искажат своите ставови. „Но, глобализацијата доведе до тоа да се создаде генерација која е онлајн со виртуелниот свет, но офлајн со реалниот свет. Затоа, ве охрабрувам да го канализирате уникатниот потенцијал на вашата генерација за достигнување на трајните вредности наместо минливите виртуелни илузии“, порачал Иванов.
На прашањето што би направил тој да е на нивно место, претседателот ја посочил Школата за млади лидери како негова лична иницијатива и инвестиција во образованието на младите. „Во таа Школа досега поминаа и стекнаа лидерски вештини и знаења речиси 320 млади луѓе од Македонија. Тоа е мојот влог во иднината“, порачал Иванов.
Како специјален гостин на Економскиот форум на млади лидери, што се одржува 12. пат, ќе се обрати и полскиот премиер, Беата Шидло. Претседателот Иванов вчера во Крињица-Здруј учествуваше и се обрати на 27. Економски форум и оствари билатерална средба со полскиот претседател, Анджеј Дуда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.