Daily news
Иницијатива до Владата да преземе итни мерки против загадувањето
Тринаесет граѓански иницијативи и здруженија бараат од Владата да преземе итни и конкретни чекори за подобрување на состојбата со животната средина во Македонија со акцент на екстремно загадените воздух и почва. Во иницијативата испратена до сите надлежни институции детаљно се наведени барањата и роковите до кога се очекува да бидат исполнети од 2017 до крајот на 2018 година.
„Со оглед на хронично алармантно високата загаденост на воздухот во Република Македонија, бараме итни подобрувања на квалитетот на воздухот и на почвата, чие влијание е недвојбено поврзано за квалитетот на воздухот“, се вели во иницијативата, со која се бара целосно ревидирање на легислативата поврзана со животната средина.
Како критични извори на загадување се посочуваат ремедијацијата на ОХИС – Скопје и „Топилницата“ – Велес како најризични од 16 индустриски жешки точки и започнување/продолжување на процесот кај другите до комплетна санација. Исто така, се бара усогласување на оперативниот план на РЕК „Битола“ за А-ИСКЗ, филтри и затворен систем на отпрашување, дислокација на загадувачката индустрија надвор од населените места, минимум 10 километри надвор од границите, дислокација на фирмите за отпад надвор од населените места, како и раскинување на постојните договори за концесии и да се запре отворањето нови рудници за јаглен и металички минерални суровини.
Исто така, иницијаторите бараат забрана за рудници од површински коп и употреба на цијанид и забрана за движење низ градските средини на сите мобилни извори кои загадуваат под Евро 3-стандард, почнувајќи од Скопје, вклучително мобилната механизација во индустријата, градежништвото.
Во однос на урбанизмот и заштитата се бара мораториум на градење, првенствено во Скопје и Охрид, до комплетна ревизија на донесените ДУП-ови, особено СОВЖС и мандаторно вклучување во оценувањето на влијанието на климатските промени. Како и заштита на природата, на шумите, на реките, на езерата, на биодиверзитетот, на автохтоните видови, создавање биокоридори, особено по должината на реките, поврзани делови низ целата држава кои ќе овозможат непречено движење и пренесување на животинските и растителни видови.
Иницијаторите сметаат дека треба да се инвестира и субвенционира во одржлив туризам, органско земјоделство, обновливи извори на енергија, индивидуално производство на електрична енергија од сонце и ветер.
„Потребно е запирање на горењето на отпад, гуми, кабли од страна на ромската популација по должината на реката Вардар во град Скопје и на други локации во Македонија со нивно социјално згрижување и вклучување во образовниот систем и пазарот на труд. Вработувања во секторот на селектирање отпад. Субвенционирање ранливи категории во текот на грејната сезона со почисти извори на енергија, замена на печки, енергетска ефикасност“, велат иницијаторите.
Тие бараат и зголемување на транспарентноста на институциите и овозможување лесен и брз пристапот до информации со еден клик, соработка со граѓанскиот сектор, формирање работни групи за учествуво при изработка и измена на закони, прописи, стратешки документи и друго. Исто така, сметаат дека е потребно обезбедување доволно финансиски средства, резервни делови за мерните инструменти за континуирано мерење на квалитетот на воздухот и другите медиуми на животна средина, зајакнување со стручен кадар, персонал, опрема, обуки, стручна и подготвена инспекција за спроведување на сите проекти насочени кон ремедијација на деградираната животна средина, заштита на животната средина, мониторинг и информирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.