Daily news
Комисијата за мандатно-имунитетни прашања утре ќе расправа за имунитетот на 7 пратеници
Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања утре ќе расправа за имунитетот на седум пратеници, дознава „Макфакс“. Претседател на оваа Комисија во овој состав на парламентот е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски, негов заменик е партискиот колега Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Заменик-членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини-Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.
Членови на Комисијата се и Крсто Муковски, кој утрово беше спроведен на распит во судот, како и Јохан Тарчуловски, кој засега е недостапен за органите на прогонот.
Собраниското тело треба да расправа за одземање на имунитетот на осомничените пратеници кои утрово беа приведени заради учество во крвавите настани на 27 април во законодавниот дом. Според процедурите, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој ќе добие известување од судот, ја закажува седницата на Комисијата.
Според член 64 од Уставот на Република Македонија, пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Основното јавно обвинителство за бруталното насилство во Собранието гони 36 лица, меѓу кои пратениците Жаклина Пешевска, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и други. Утринава полицијата го приведе и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
Деловникот предвидува надлежниот орган да го поднесе известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години до претседателот на Собранието. Според Деловникот, надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и во случај кога тој не се повикал на имунитетот.
Претседателот на Собранието барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен, веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето. Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот одлучува по него. По известувањето за притворање пратеник што не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.
Претседателот на Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, денеска изјави дека седницата би се одржала дури и без присуство на опозицијата бидејќи владејчкото мнозинство има доволно пратеници за кворум за работа.
„Можам да кажам дека врз основа на член 53 од Деловникот на Собранието, ако и кога ќе стигне допис од надлежен орган, што во овој случај е судот, ќе ја свикаме Комисијата и ќе одлучуваме“, рече Богоевски.
Според процедурата, како што појасни тој, барањето првин треба да се достави до претседателот на Собранието. „Сигурен сум дека имаме начин како и од далечина претседателот на Собранието да одлучи по некое барање, со електронски потпис, со ставање своерачен потпис. Во моментот кога претседателот на Собранието ќе утврди дека барањето ги исполнува условите од членовите 53 и 54 од Деловникот, односно дека е поднесено од надлежен орган, во тој случај претседателот по службена должност го пренесува барањето до претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е должна во рок од два дена да заврши со седницата на која ќе се донесе заклучок како ќе се постапи по барањето“, посочи Богоевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.