Daily news
Кривичниот суд ќе се сели во новата зграда во антички стил за време на судската ферија
Преселбата на Основниот суд Скопје 1 во новата античка зграда се планира за време на судската ферија, потврдуваат за Макфакс високи извори од судството. По седум години градба и опремување и многу пробиени рокови, како што се тврди, работите се во финална фаза.
Во испразнетите простории на сегашниот Кривичен суд треба да се преселат нивните колеги од Одделението за прекршоци од бараките во Градскиот парк, како и Управниот суд,кој неколку години е потстанар во простории на Македонски пошти. Без сопствен простор и натаму останува Вишиот управен суд, кој во моментов работи во несоодветни услови во поранешната Агенција за обнова и развој, што се наоѓа во населбата Карпош 4.
Новата судска зграда на Кривичниот суд, која се наоѓа веднаш до сегашниот објект во кој работи скопска “единица“, како што тврдат одговорните од судството, е направена по сите параметри и стандарди.Според нив,таа ги задоволува потребите за ефикасно функционирање утврдени со препораките на Европската комисија за ефикасност во правосудството ЦЕПЕШ.
Во дел од судската зграда е предвиден прес-центар за претставниците на медиумите,што ќе се наоѓа спроти најголемата судница од каде ќе може да се следат судските рочишта преку лцд монитори. На тој начин, како што велат од Кривичниот суд, нема да се нарушува мирот во судницата, а новинарите истовремено ќе можат да ја следат работата во судницата и непречено да ја вршат својата работа.
Новата судска зграда опфаќа посебен коридор за доведување на обвинети и осомничени лица, со посебен лифт и влез до сите судници што е одвоен од останатите влезови. Предвидени се и простории за прифаќање и приведување на лица пред судии на претходна постапка, како и посебни простории за адвокати и обвинители опремени со WiFi. Во составот на зградата се предвидени и простории за сослушување на заштитени сведоци од каде преку видео-конференција ќе може да се сослушува лицето и за надворешни потреби, односно за судски постапки во други земји. Ќе има и посебни лифтови за вработени, за обвинети и за посетители, како и посебни влезови и тоалети за да можат лицата со попреченост да имаат непречен пристап до зградата.
Во објектот е поставен и безбедносен систем со над 116 камери што следат надвор и внатре со посебни контролни соби контролирани од судската полиција. Системот е направен така што доколку има дефект преку смс стигнува сигнал до определено службено лице.
Судот ќе располага со 25 судници, од кои најголемата има капацитет до 150 лица и е одвоена со галерија.
Инаку, изградбата на новата зграда на Кривичниот суд беше најавена уште во февруари 2010 од тогашниот министер за правда, Михајло Маневски. Изградбата почна во мај истата година и требаше да биде готова за 18 месеци.
Зградата е со вкупна корисна површина од 9 000 квадрати има 10 нивоа- две подрумски нивоа, приземје, шест ката и потпокрив. Проектната документација за скопскиот Кривичен суд ја изработија македонска и италијанска фирма. Целиот проект за реновирање на судовите требаше да чини 10 милиони евра, позајмени од Светската банка,а државата да учествува со 16 отсто. Нема податоци од Министерството за правда колку средства се потрошени досега,како и дали се отстранети недостатоците во судската зграда,за кои своевремено пишуваа медиумите,кои отстапуваа од страндардите за овој тип градби.
(крај/макфакс/г.д)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.