Кумановските стечајци од здружението „Унит“ на денешната прес-конференција неодамна донесениот Закон за стечајци го оценија како „спас за стечајците“.
Координаторот на здружението, Лилјана Георгиевска, изјави дека на ниво на држава со овој закон биле пријавени приближно 3.500 стечајци, додека во Куманово таа бројка изнесува 1.200. Додаде дека се очекува со некои измени на членови одреден број стечајци кои не беа опфатени со овој закон наредната година да бидат материјално обезбедени.
„Морам да кажам дека ќе се најде соодветно решение и за оние кои не беа опфатени бидејќи има волја за решавање и за нивниот статус“, рече Георгиевска.
Сега не се опфатени оние лица кои немаат 15 години стаж во фирми со доминантна државна сопственост, чиј број на ниво на државата е околу 500-600 лица. „Куманово беше индустриски град и затоа има најголем број пријавени стечајци. Речиси нема компанија од која немаме стечајци, ‘Биброк’, ‘Зик’, ‘ЧИК’, ‘Киро Фетак’… Имаме 1.200 пријавени стечајци. Некои ќе почекаат, ќе аплицираат штом ќе навршат години на старост“, рече Георгиевска.
Стечајците ќе добиваат месечен надоместок од 7.596 денари, а треба да имаат најмалку 15 години стаж во претпријатие со доминантна државна сопственост, прекин на работен однос врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, 55 години за мажи и 52 за жени.