Тридневната прослава на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, кој годинава се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“, почнува од денеска.
Одбележувањето ќе почне попладне со спортски настан „Трчај, играј, активирај се“, кој ќе се одржи на кејот на реката Вардар во организација на Агенцијата за млади и спорт. Ќе биде организирана рекреативна атлетска трка, еколошка акција за чистење на кејот, одбојка на песок, кајак, крос-фит, искачување на карпа и скејт-активности.
Централната прослава ќе се одржи утре, а домаќин е Владата пред чие плато ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. На платото пред Владата ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“, а танц-студиото „Данцерс унитед МК“ ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост. Настап ќе имаат и гудачкиот квартет – „ВИВА стинг“, Хорот при Македонската опера и балет, „Биг бендот“ на Здружението на џез-музичарите на Македонија, „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и „Нон стоп“ со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски трио, „Кпурдат“, „Шутка Рома Рап“ и Слаткаристика.
Во рамкиТЕ на централната прослава предвидено е да се обрати и премиерот Зоран Заев.
Утре претпладне владина делегација ќе ја посети реставрираната спомен-куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
В петок делегација предводена од претседателот на Владата, Зоран Заев, на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски. Делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во организација на Министерството за одбрана во Крупево ќе се организира искачувањето на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.
Денот на независноста се поклопува со 100 дена од изборот на новата Влада.