Daily news
Манчевски и Шекеринска: Со синергија на институциите и бизнис-секторот до поголема сајбер-безбедност
„Институциите кои мора да се подготват за зајакнување на сајбер-безбедноста на Република Македонија веќе се договорија дека заеднички ќе настапуваат и нема да го гледаат прашањето за сајбер-безбедноста како секторско прашање со кое секој се занимава од своја страна. Министерствата за одбрана, за информатичко општество и администрација и за внатрешни работи веќе ги формираа заедничките тимови чија задача ќе биде во сојузништво со НАТО и ЕУ да продуцираат стратегија за сајбер-одбрана за која најавуваме и силно партнерство со бизнис-секторот, и со академскиот и со граѓанскиот сектор“.
Ова го најави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната јавна дебата на тема „Политики за сајбер-безбедност“ во Клубот за пратениците на која говореа и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, како и претставници на МВР и Агенцијата за електронски комуникации.
Министерот Манчевски истакна дека како земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија има обврска да го хармонизира своето национално законодавство со европското. Тој посочи неколку чекори, како донесување нов закон за обезбедување на високо ниво на безбедност на мрежите и информациските системи, утврдување на листата на клучни оператори, поставување законска обврска за тие да преземат мерки за управување со ризиците за безбедноста на нивните мрежи и системи. Министерот рече дека има потреба од именување национално надлежно тело за надзор и воспоставување тимови за одговор на компјутерски инциденти. Тој дополни дека за ефикасно спроведување на обврските на овие тимови потребни се човечки капацитети, но и соработка помеѓу приватниот сектор и државните институции.
„Оваа јавна расправа е првиот чекор што го правиме и треба да ни ја отвори соработката на нас како државни институции, на компаниите и на целото општество. Потребно е да го размениме знаењето, да ги изградиме капацитетите и да ја подигнеме свеста за информациската безбедност“, заклучи министерот Манчевски.
На дебатата министерката Шекеринска истакна дека партнерството со бизнис-секторот е особено важно имајќи предвид дека државната администрација тешко продуцира кадри и тешко ги задржува.
„Министерството за одбрана и Владата на Република Македонија дадоа зелено светло оваа година на Воената академија во Скопје да се започне со последипломски студии за сајбер-безбедност на кои ќе бидат поканети да конкурираат луѓе од бизнис-секторот, но ќе биде овозможено и стипендирање луѓе што работат во администрацијата, а кои сакаме да се специјализираат на тема сајбер-безбедност“, рече министерката.
Додаде дека безбедноста одамна не е концепт што им припаѓа единствено на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, дека главните напади се напади на инфраструктурата што ја користат сите луѓе и дека за нејзина заштита потребна е синергија.
Марјан Стоилковски од секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР во својата презентација зборуваше за состојбата со компјутерскиот криминал во државата и за предизвиците со кои се соочува секторот во борба со компјутерскиот криминал.
Претставникот од Агенцијата за електронски комуникации, Александар Ацев, ги претстави наодите на АЕК и статистиката за сајбер-нападите годинава. Како што посочи тој, според официјалните податоци во периодот од јануари од октомври оваа година биле нападнати 328 македонски веб-страници.
На денешната дискусија присутни беа голем број професионалци во областа на сајбер-просторот од други засегнати институции, дирекции и агенции, како и приватниот телекомуникациски и финансиски сектор во Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.