Daily news
МВР со детали како е ограбен трезорот на НЛБ Банка
Четириесетгодишниот Б.С., трезорист во НЛБ Банка АД Скопје е осомничен дека во повеќе наврати извршил кривично дело „затајување“, со што противправно се стекнал со имотна корист од 2.400.000 швајцарски франци и 645.000 евра.
Од страна на судија на претходна постапка на Б.С. определена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
Имено, сега пријавениот како вработен на работно место трезорист во Служба за трезорско работење (работа со готовина и депо во НЛБ Тутунска банка АД Скопје), искористувајќи згодна прилика и познавајки го процесот на работа, во време кога во трезорот имало намалена френкфеција на вработени лица, незабележан од никого во периодот 06.04 до 10.04.2017 година ги присвоил за себе горенаведените парични средства.
Првиот износ го затаил од пратка на износ од 1.000.000 швајцарски франци на тој начин што од вкупниот износ пред испраќање на средствата по авионски пат, извадил едно врзопче со 100 банкноти во апоени од 1.000 швајцарски франци (100.000 франци) кои ги присвоил за себе.
Вториот износ го затаил искористувајќи погодна прилика при што незабележан од никого во неколку наврати првично противправно присвоил 375.000 евра готовински парични средства од трезор, а потоа и 300.000 швајцарски франци кои му биле доверени согласно работните задолженија во НЛБ Тутунска банка.
На 10.04.2017 година, соочен со фактот дека е невозможно да изврши раздолжување со настанатиот кусок на парични средства присвоени од негова страна, свесно извршил дополнително присвојување на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра од девизниот трезор, при што истите ги ставил во украсна кеса и околу 13 часот незабележан од никого ја напуштил НЛБ Банка упатувајќи се во непознат правец.
Од страна на одговорни лица во банката кривично правниот настан е пријавен во Единицата за известување и команда, а од страна на полициски службеници од ЕПОИ АЛФА, Б.С. е пронајден и лишен од слобода.
Врз основа на издадени наредби за претрес на дом и други простории од страна на Основен суд Скопје-1 Скопје и извршени претреси на локации во Скопје, како и извршени разговори со одговорни лица во НЛБ Тутунска банка АД Скопје и други вработени лица во банката, обезбедени се писмени докази кои укажуваат на свесноста и намерата на пријавениот да го изврши кривичното дело.
Исто така, од извршениот увид во видео записот од безбедносните камери на банката лоцирани и поставени во банката, констатирано е дека пријавениот го искористил процесот на работа и со непочитување на воспоставените процедури за сигурност при работата во трезор, на 10.04.2017 година, во препладневните часови од девизниот трезор присвоил 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра, кои парични средства во кеса ги изнел од службените простории и се оддалечил во непознат правец.
Од страна на СВР Скопје и во натамошниот период ќе се преземаат мерки за целосно расветлување на кривично правниот настан. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.