Daily news
МЗТ: Федерацијата вешто ја дефокусира јавноста
Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродром, преку соопштение ја искажа својата разочараност од одлуката на Здравствената комисија на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), според која Марко Симоновски не може да добие отштета поради повредата со која се здоби на репрезентативните подготвки. МЗТ смета дека ваквата одлука е вешт обид на првиот човек на МКФ, Петар Наумоски, да ја дефокусира јавноста од вистинскиот проблем – немањето осигурување за кошаркарите.
Соопштението на МЗТ, кое е објавено на официјалната интернет-страница на клубот, го пренесуваме во целост.
„Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром е максимално разочаран од неодамнешната одлука на Здравствената комисија на МКФ според која Марко Симоновски не може да смета на отштета од федерацијата бидејќи ‘немал нова повреда’, односно ‘скршеница’ поради која по само една недела се повлече од репрезентацијата во пресрет на претквалификациите за СП 2019.
Воопшто не сме задоволни од ваквото решение и не ни се јасни критериумите за неговото донесување, особено во делот на манипулација со термините ‘стара повреда’ и ‘свежа фрактура’. Наместо да застане во заштита на репрезентативците, раководството на МКФ се користи со сите средства да побегне од одговорноста за нешто што е во нивна надлежност. Особено што Симоновски успешно ги минал лекарските прегледи пред подготовките и една недела бил во тренажен процес пред да се повреди.
Нам ни е јасно, а сега сакаме со тоа да ја запознаеме и целата македонската јавност, дека целиот циркус со Здравствената комисија е само вешт обид на Петар Наумоски да ја дефокусира јавноста од вистинскиот проблем – немањето осигурување за кошаркарите. Само поради ова, Симоновски денеска е на цедило, односно не може да ги искористи своите права како репрезентативец.
Ноторен факт, кој не може да се побие со никакви спинови од Куќата на кошарката, е податокот дека членовите на националниот тим немале осигурување во периодот од почетокот на подготовките на 21 јуни до 1 јули, кога стартувала осигурителната полиса на МКФ во ФИБА. Кој и зошто дозволил кошаркарите да тренираат без да бидат заштитени, се прашања на кои одговор може да даде само луѓето кои ја предводат македонската кошарка.
Во една ваква ситуација сакаме јавно да апелираме до Наумоски и останатите до него да престанат да ги штитат сопствените интереси и покриваат направените грешки и да почнат да размислуваат за оние за кои и се на функциите – кошаркарите. Зарем не беше баш Наумоски тој што иницира смена на раководството на тогашното КСМ во ноември 1998 година токму поради немање осигурување за репрезентативците и што се случило во изминативе 20 години тој да ги смени своите аршини и приоритети?
МЗТ Скопје Аеродром од МКФ бара да си ја признае вината во делот со пропустот во осигурување, да постапи човечно и да излезе во пресрет на сите барања на кошаркарот. Тоа што го доби Дамјан Стојановски од ФИБА кога лани се повреди на средбата со Велика Британија треба да биде репер за тоа што Симоновски треба да го добие од МКФ додека се рехабилитира од повредата добиена на тренинг на националниот тим.
Сѐ помалку од ова би било срамно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.