Daily news
МНТ со претставата „Разговори во четири очи“ ќе гостува во Словачка, Белорусија и Србија
Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ, од авторот Ингмар Бергман, а во адаптација на Тамара Барачков, ќе настапи на сцените на два престижни меѓународни театарски фестивали – „Central European Theatre Festival“ во Кошице, Словачка, „Belaya Vezha“, Белорусија и во театарот „Kosztolányi Dezső“, Србија.
Фестивалот во Словачка ќе се одржи во првата половина од септември, а Македонскиот народен театар ќе настапи на 10 септември во 17 часот. Овој фестивал во Кошице е значаен културен настан на кој земаат учество театарски куќи од Полска, Чешка, Унгарија, Македонија и други.
Традиционално, еднаш годишно во Брест, Белорусија, театрите од целиот свет на белоруската публика ѝ ги прикажуваат своите најдобри дела, каде што ги споделуваат креативните искуства и трендови на модерниот театар.
Оваа година во селективната репертоарска програма на Меѓународниот театарски фестивал „Belaya Vezha“, на кој учествува и Македонскиот народен театар, ќе опфати широк спектар на драмски претстави, куклен, музички и физички театар, а ќе учествуваат 14 земји: Белорусија, Грузија, Унгарија, Казахстан, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Полска, Русија, Украина, Финска, Чешка и Естонија.
Во селективната фестивалска програма ќе настапат 28 театарски куќи, а фестивалот ќе трае од 8 до 17 септември 2017 година. Македонскиот народен театар ќе се претстави на 12 септември со почеток во 18 часот. Претставите ќе се играат на големи и мали сцени, на различни локации, како и на плоштадот „Ленин“ во Брест.
По Меѓународниот театарски фестивал во Белорусија, екипата на „Разговори во четири очи“ во состав: Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски ќе отпатува за Србија, каде што на 15 септември ќе игра во театарот во Суботица.
„Она што треба да се потенцира, е дека во 2016 година претставата „Разговори во четири очи“ имаше големи фестивалски успеси во Санкт Петербург во Русија на Меѓународниот театарски фестивал АртОкраина (ArtОкраина), Фестивалот ФЕМАРТ (FEMART) во Косово и Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. „Разговори во четири очи“ е претстава која го збогатува своето фестивалското искуство надвор од границите на Балканот“, велат од МНТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.