Министерството за труд и социјална политика како невистини ги оценува тврдењата на Конфедерацијата на слободните синдикати за прекршување на процедурата за донесување на Законот за минималната плата и информира дека претставниците на КСС биле уредно поканети да присуствуваат на седница на Економско-социјалниот совет, на која тие биле разгледувани, но не присуствувале.
„Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Економско-социјалниот совет со Законот за работните односи и Спогодбата за основање ЕСС од 2010 година, беше свикана седница на ЕСС од страна на министерката за труд и социјална политика и претседателка на ЕСС, Мила Царовска, на 18.7.2017 година, на чиј дневен ред беше ставен предлогот на Законот за измената и дополнувањето на Законот за минималната плата“, се вели во реакцијата на МТСП на денешната прес-конференција на Конфедерацијата на слободните синдикати.
Притоа се додава дека на седницата, и покрај тоа што уредно биле поканети и претствници на КСС, како еден од двата репрезентативни синдиката кои се членови на ЕСС, тие не присуствувале, со што продолжиле со попречување на функционирањето на ова тело.