Daily news
Нацев: Една недела подоцна убиецот на Мартин Јанушев e сè уште на слобода
Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција од местото на убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Тој посочи дека една недела по убиството, полицијата сè уште не го пронашла убиецот и дека полицијата сè уште не презела никакви активности во врска со случајот.
„Минатиот петок, околу 17.40 часот, токму овде на ова место беше ликвидиран младиот фудбалер Мартин Јанушев. 28-годишното момче беше брутално егзекутирано со 5 куршуми на улицата пред голем број очевидци. Убиецот непречено си замина од местото на злосторството“, рече Нацев.
Една недела подоцна, како што нагласи Нацев, убиецот е сè уште на слобода. Полицијата нема ниту фоторобот ниту полицијата кажува со каков автомобил избегал и кој му помогнал во тоа.
„Целата јавност, целиот град, половина час по убиството, веќе зборуваше кој е убиецот. Целата јавност веќе се сомнева дека блиските релации на инволвираните криминалци со највисоките функционери на власта имаат свој дел во ова. Потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски, со својот молк и со своето непостапување, само ги потврдува стравувањата на граѓаните дека доколку си близок со врвот на раководството на партијата, можеш да избегаш и одговорност за убиство“, рече Нацев.
Тој додаде дека во јавноста кружат информации дека имало сценарио друг да ја преземе вината за грозоморното убиство.
„Се подготвуваат и се зборува дека убиецот не смее да одговара за своето дејство само за да не излезат на површина неговите блиски релации со криминалците од врвот на СДС. Затоа се говори дека се подготвува сценарио во кое наводно ќе се манипулира дека убиството било во самоодбрана. Треба јавноста да биде убедена дека жртвата посегнала по пиштол. Ожалостеното семејството веќе се прости од младиот фудбалер, а правдата ја нема ниту на повидок. Нема одговори за суштинските прашања зошто убиецот цела недела по ликвидацијата не е уапсен? Дали е во земјата или избегал надвор? Како избегал и кој му помогнал?“, праша Нацев.
То рече дека граѓаните се прашуваат што може нив да ги снајде кога во ситуација кога двајца од семејството на убиениот, и татко му и брат му, се припадници во МВР.
„Граѓаните сметаат дека исто така има нешто нечисто и во пукањето кон советникот од Кабинетот на господинот Заев, се зборува дека и тој е човек со дебело криминално досие, но тоа пукање не е сè уште расчистено. Се кријат мотивите и идентитетот на напаѓачите. Се крие дали тој е поврзан со ликвидацијата на Јанушев. Молчат и медиумите и невладините организации. Молчат, а со доаѓањето на СДС на власт мафијата си доби своја држава. Крвта и вооружените пресметки се вратија на улиците исто како во 90-тите години“, рече Нацев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.