Daily news
Неделкова со солзи во очите до Јово Вангеловски: Престани да го приватизираш Врховен!
Судијката Лидија Неделкова, која по доаѓањето на Јово Вангеловски за претседател на судот, неколкупати е прераспоредувана да суди во различни оддели во Врховниот суд, поднела саркастичен приговор за нејзината последна распределба во нов оддел, покажува документот до кој дојде „Макфакс“. Неделкова тврди дека одлуките за нејзино прераспоредување се незаконски и спротивни на судскиот деловник и Законот за судови. „Со растреперено срце и солзи во очите ја прочитав најновата одлука на нашиот најнов претседател на Врховниот суд на Република Македонија и со восхит одлучив да го напишам предметниот приговор“, пишува Неделкова во приговорот.
„Поради снаодливоста на славниот претседател на Врховниот суд на РМ, не можам да се определам дали во конкретниот случај се работи за годишен распоред (повеќе од очигледно е дека во месец септември не се прави годишен распоред), за деветмесечен распоред, или за распоред кој произлегол од „сонот“ на претседателот“, пишува судијката.
Неделкова во приговорот до судиите пишува дека на Македонија не ѝ треба Прибе за да се разбере и прифати дека не треба да се приватизира фунцкијата претседател на Врховниот суд. Експретседателката им пишува на судиите дека работи на кривична материја 32 години и дека одлуката за нејзино прераспроедување е поради личниот и негативен став и анимозитет на претседателот на судот, Јово Вангеловски. За нејзиното распоредување од еден во друг оддел, Неделкова пишува: „Ова е исто како да распоредите доктор специјалист по кардиологија, да работи како доктор специјалист по гинекологија“.
„Не знам дали да се чудам или да се смеам на одлуката за моето прераспоредување во ситуација, кога јас сум единствен специјализиран кривичен судија во Врховниот суд на РМ, на кој му се попречува постапувањето по кривични предмети…“ пишува Неделкова по повод објавувањето оглас за избор на двајца судии кривичари во Врховниот суд.
Причината поради која Неделкова е прераспоредувана, како што пишува самата е поради фактот што не се согласила да гласа за притворот на Сеад Кочан, како што барал Вангеловски. Неделкова на крајот пишува дека за ваквата „еквилибристика“ на Ванеловски, ќе ги извести Судскиот совет и меѓународната заедница.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.