Daily news
Нови 13 дефектолози за училиштата во Карпош
Општина Карпош во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување, како и со директорките на осум основни училишта од општината, потпиша меморандум за реализација на проектот „Карпош за еднаквите во училиштата“. Како што нагласи градоначалникот Стевчо Јакимовски, локалната самоуправа постојано апелирала за ангажирање стручни дефектолози што ќе работат со ученици со посебни потреби – основци во училиштата на територијата на локалната самоуправа.
„Во училиштата во Карпош учат над 70 основци со посебни потреби, од кои 55 се со документ. Претходната влада на Република Македонија ангажира 4 стручни лица, број за кој сметам дека е несоодветен за потребите на училиштата“, рече Јакимовски. Тој истакна дека Општината и досега ги обучувала постојните одделенски и предметни наставници во училиштата во Карпош да може да работат и со овие деца, кои исто така се наши ученици, но во согласност со актуелните состојби потребно е стручни лица – дефектолози, кои имаат соодветно и наменско образование – да работат токму со оваа проблематика.
Раководителката на секторот за дејности од јавен интерес, Анета Марковска-Илиевска, напомена дека 13 дефектолози ќе бидат ангажирани со овој проект, кои ќе примаат месечен надоместок од 6.200 денари, а Општината со свои финансиски средства ќе го покрива превозот за стручните лица. По барање на родителите Општина Карпош аплицира до финансиерот на проектот – УНДП за привремено ангажирање 13 лица што ќе бидат асистенти за учениците со попреченост во развојот.
Проектот ќе започне да се спроведува од 1 октомври и ќе заврши на 31 мај, по што ќе следува негова евалуација. Осум од десет училишта кои што се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа ќе учествуваат во проектот“, потенцира Марковска-Илиевска.
Основните училишта: „Братство“, „Владо Тасевски“,„ Димо Хаџи Димов“, „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“, „Петар Поп Арсов“, „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири – Трена“ се осумте училишта од општина Карпош што го потпишаа меморандумот и ќе учествуваат во спроведувањето на овој проект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.