Daily news
Обвиненија за осуммина за милионската кражба во „Тутунска банка“
Осум лица се обвинети за милионската кражба што се случи во април во „Тутунска банка“. Скопското обвинителство соопшти дека обвинетите кражбата ја извршиле со умисла. За тројца од нив, до Кривичниот суд е доставен предлог за продолжување на притворот, а за другите се побарани определени мерки на претпазливост.
„Основното јавно обвинителство – Скопје денеска до надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвиненија со кои се опфатени 8 лица, заедно со предлог мерки за обезбедување присуство. Обвинителството утврди дека во периодот од 31 март до 8 април првите четворица обвинети, со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10 април била извршена кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра“, соопшти Обвинителството.
Од таму велат дека надлежниот обвинител до Судот доставил обвинителен акт против првите четворица, од кои за тројца и предлог за продолжување на мерката притвор, а за едно лице во сила се веќе определени мерки на претпазливост.
Првообвинетиот се гони за сторени кривични дела затајување и тешка кражба.
Второто лице се товари за истите кривични дела, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање.
Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело тешка кражба со помагање, додека, пак, четвртото лице е обвинето за кривичното дело затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.
За кривичното дело тешка кражба, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.
Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска до судот достави и обвинителен предлог против останатите четворица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ.
Четирите лица сториле кривично дело несовесно работење во службата. За едно од лицата опфатени со Обвинителниот предлог, определените мерки на претпазливост остануваат во сила.
Согласно Кривичниот законик, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од 6 месеци до три години, како и задолжително изрекување и на парична казна за сторителите.
Во текот на досегашната постапка, по предлог на надлежниот обвинител од судот беа определени мерките – забрана на финансиски трансакции. Со поднесување на обвиненијата, обвинителството достави и Посебен предлог за привремено одземање на имот заради обезбедување против едно лице. Предлогот се однесува на забрана за отуѓување, ставање хипотека и на друг начин располагање со недвижен имот кој обвинителството детално го наведе во обвинението, како и забрана за располагање со подвижни предмети во сопственост на обвинетото лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.