Daily news
Објавен роман од Сара Стридсберг, членка на Шведската Нобелова академија
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје нго објави романот „Бекомберја: ода за моето семејство“ од шведската писателка Сара Стридсберг. Романот е добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2015 година. Преводот на македонски е на Ивица Челиковиќ.
Романот „Бекомберја: ода за моето семејство“ е базиран на детските спомени на авторката од времето на нејзините посети на „Бекомберја“, најголемата душевна болница во Шведска и една од најголемите во Европа во XX век, со две илјади пациенти.
Во средиштето на дејството се наоѓаат Џеки и нејзиниот татко, Џими Дарлинг. Тој со леснотија ги засмејува луѓето, иако во исто време негува чудна пасија кон смртта. Кога мајка ѝ Лоне ќе отпатува кон Црното Море, душевната болница во која престојува татко ѝ се претвора во единствениот постоен свет за Џеки. Од различните мигови и зони на сонување и стварност постепено се гради тажна и восхитувачка приказна. „Бекомберја“ станува искривен некролог на државата на социјалната сигурност, раскажан со заносен јазик. Сара Стридсберг со широко отворени очи ги рехабилитира загрозените и замолкнатите.
Во 2015 година романот ја доживеа и својата театарска поставка. Според критиката, ова е книга што „го лизга читателот во расположение во кое границата помеѓу нормалноста и лудилото веќе не постои“.
Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.
Сара Стридсберг (1972) е шведска писателка и преведувачка. Нејзиното творештво е инспирирано од Маргарет Дирас и Елфриде Јелинек. Првиот голем творечки пробив, како на домашен така и на меѓународен план, го доживува со „Факултетот на соништата“ (2006), за кој ѝ е доделена наградата за литература на Нордискиот совет. Во 2016 година е избрана на столот број 13 во Шведската академија, која ја доделува Нобеловата награда.
Ивица Челиковиќ (Скопје, 1962) е поет, раскажувач и преведувач. Студирал новинарство во Скопје и во Гетеборг, Шведска, каде што живее и работи. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на Сојузот на шведски писатели. Добитник е на повеќе награди и признанија. Превел триесетина дела од познати шведски писатели на македонски јазик. Преведува и македонска литература на шведски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.