Daily news
Османи најави агресивно адресирање на приоритетите за ЕУ
Владата забрзано работи на исполнување на акцискиот план за отстранување на сите пречки за влез во ЕУ. Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, денеска на прес-конференција информираше дека се во план краткорочни и долгорочни мерки што се потцртани на патот кон евроатланската агенда.
„Владата по средбите во Брисел, веднаш по слетувањето во Скопје формираше ад-хок комисија, која подготвува акциски план што мораме да го реализираме за да ги исполниме очекувањата на европските партнери“, вели Османи. Тој додава дека во изминатиов период биле остварени средби со институциите, по што се одржала и владина седница.
„Ни остануваат средби со уште редица институции, кои до Владата ќе предложат мерки за да можеме на седницата со еврокомесарот Јоханес Хан на 26 јуни да го испорачаме договореното. Краткорочно до локалните избори да ги имаме првите резултати и да испратиме порака дека агресивно ќе работиме на потцртаните реформи“, вели Османи.
Тој најави и долгорочни мерки, кои ќе продолжат да се реализираат по локалните избори, а кои ќе ја трасираат евроинтеграциската агенда.
„Гледаме прозорец на можност да се фатиме на таа енергија што ни ја испраќаат нашите пријатели од Брисел. Да се фатиме на таа клима и да ја тргнеме условената препорака и по локалните избори да добиеме порака за чисти преговори“, додаде Османи.
Тој информираше дека агендата почнува уште утре со посетата на Бугарија, каде што очекува да бидат затворени билатералните прашања меѓу двете земји. Исто така, се очекува Бугарија да биде партнер и поддржувач на Македонија, како иден претседавач на ЕУ.
„Работиме на отстранување на политичките пречки за евроинтеграциите, затоа утре патуваме во Бугарија за да бидеме високо на нивната агенда и да ги надминеме проблемите со нив.
За проблемот со името, Османи смета дека за него ќе треба време да се реши. Но, Владата е решена да гради мерки на доверба и пријателство за да не остави причина за пречки на патот кон евроинтеграциите.
„Имавме застој со реформите и сега треба да го компензираме изгубеното време“, вели Османи.
Додава дека Влада се обврзала дека ќе работи согласно суштинските разговори што ги имале во Брисел. Тој потенцира дека евроинтеграциите се државничка определба, а не владина и затоа најави дека во процесот ќе бидат вклучени сите.
„Ја оценуваме оваа влада како тематска, како влада за евроинтеграции. Сакаме процесот да биде инклузивен, во него да биде вклучено граѓанското општество, политичките партии, Собранието и сите релевантни институции. Сакаме да ги слушнеме различните ставови и на власта и на опозицијата“, потенцираше тој.
Во рамките на агендата за забрзани реформски приоритети, на 27 јуни се очекува да пристигне Рајнхард Прибе. На средбата со него треба се утврдат конкретни мерки, чекори и временската рамка до кога ќе треба да бидат заокружени задачите. На крајот, вицепремиерот додаде дека еден од предизвиците на новата Влада што ги очекува Брисел е и организирање фер и демократски локални избори.
Габриела Д.Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.