Daily news
Османи на брифинг со Иванов во вилата „Водно“
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во претседателскиот кабинет во вилата „Водно“ имаше средба со претседателот Ѓорге Иванов. На средбата вицепремиерот информирал за посетата на Брисел остварена заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и средбите со потпретседателката на Европската комисија и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Фредерика Могерини, како и со еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан.
Османи брифирал и за пораките на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата, кои на министерскиот појадок во Брисел – „Пријателите на Македонија“, организиран од страна на министерствата за надворешни работи на Бугарија и Шведска, изразија подготвеност да ѝ помогнат на земјата во нејзините европски и евро-атлантски аспирации.
Тој реферирал и за новите реформски пакети на Владата – шест и девет, кои претставуваат заокружување на планот 3-6-9, чија имплементација треба да обезбеди простор за напредок во приближувањето кон ЕУ. Османи потенцира дека стратегиите и акциските планови содржани во планот 3-6-9 во себе ги имаат вклучено сите забелешки од страна на меѓународните партнери и релевантни институции, како што се препораките од извештаите на Европската комисија, на Венециската комисија, ГРЕКО, забелешките на Високата експертска група предводена од Рајнхард Прибе, како и сите други извештаи и препораки што се нотирани како обврска за земјата.
Со тоа, потенцирал Османи, реформскиот пакет е заокружен и по чија имплементација, се очекува отстранување на условеноста на препораката, како и позитивен извештај со нова чиста препорака од страна на Европската комисија. На крајот, потенцирал Османи, заедно со напредокот во отстранувањето и на отворените политички прашања, се очекува и одлука за почеток на преговорите до средината на 2018 година.
„Имаме неповторлива шанса во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите и да испорачаме резултат“, истакнал Османи. Тој ја потенцирал важноста на моментот, повторувајќи ја оценката добиена во Брисел, дека 2018 година треба да биде историска година за напредокот на Република Македонија во европските и евро-атлантските интеграции, момент за кој треба да се заложат сите фактори на општеството и преку инклузивен процес да се обезбеди и суштински, а не само декларативен консензус за процесот на интеграциите. Османи побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, секако, најмногу за законите за кои е потребен широк политички консензус, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.