Daily news
Перински: Граѓаните мора да се изјаснат за штетниот договор со Бугарија
На граѓаните мора да им се дозволи да го кажат мислењето за штетниот договор со Бугарија. Социјалдемократскиот сојуз работи и делува на штета на државните интереси. Владата на Социјалдемократскиот сојуз склучи договор за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, кој во повеќе точки е штетен за Република Македонија и ги понижува нашите сограѓани, обвини Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните на Република Македонија се чувствуваат како оштетена страна на договорот, бидејќи Република Македонија е страната која трпи голем број на отстапки и обврски, без притоа да има отстапки на бугарска страна, водени од интересот на граѓаните и нивните барања ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до Собранието на Република Македонија предлог за организирање на референдум, на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија“ вели Перински.
Ваквата одлука, како што нагласи Перински, се должи на ставот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, кој смета дека истиот е донесен во нетранспарентна постапка, далеку од очите на јавноста, и со тоа Социјалдемократскиот сојуз им го одзема правото на граѓаните да бидат запознаени каков договор склучува нивната влада, од кој истите тие ќе имаат обврска.
Како што вели Перински, Социјалдемократскиот сојуз целосно нетранспарентно и набрзина го протуркал договорот без да и овозможи на стручната и општата јавност неопходна дебата по однос на истиот, со што македонските граѓани биле ставени во подредена положба во однос на граѓаните на Република Бугарија, чија јавност и стручна фела биле запознаени со содржината на истиот.
„Правото на референдум е неприкосновено и не смее да биде ускратено од страна на Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи со овој договор се креира правна пракса, која ги надминува домашните правни норми и има важност на меѓународен договор, кој тешко се менува и предизвикува последици за идните генерации. ВМРО-ДПМНЕ е за добрососедство и соработка со Република Бугарија, со став дека односите помеѓу двете држави треба да се градат врз основа на заемно почитување, а не врз база на отстапки и штетни последици за само едната страна“ додава Перински.
Перински објаснува дека ВМРО-ДПМНЕ, има сериозни забелешки на неколку членови од договорот, а најконкретно во деловите со кои декларирајќи постоење на заедничка историја се предвидува и создавање на државна комисија која ќе ги дискутира промените на учебниците по историја во Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо е откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, а непотребно е повторно прифаќање на именувањето на нашиот македонски јазик, како јазик од Уставот на Македонија, дефиниција која не постои во ниту еден друг договор со Република Македонија и Република Бугарија и со било која земја во светот, очигледна е намерата преку оваа формулација да се протне на мала врата непризнавањето на македонскиот јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.