Пироманот кој го потпалил пожарот во кривопаланечкото село Габар е фатен на лице место и предаден на полицијата. Го откриле пожарникарите кои 24 часа се обидуваа да се справат со огнената стихија, која зафати речиси 60 хектари површина.
Денеска пожарот повторно избувна на четири разни локации. Според Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка, пред целосно да го ликвидираат пожарот денеска околу 14 часот, повторно добиле дојава за пожар во селото Габар.
„Гореше на четири различни локации, а пламенот се соедини. Интервениравме брзо и успеавме да го изгаснеме и ликвидираме пожарот, а на лице место успеавме и да го фатиме лицето кое ги подметна пожарите“, изјави командирот на ТППЕ Крива Паланка, Иле Коцевски.
Пироманот е фатен и предаден на службени лица од Полициска станица Крива Паланка за распит и понатамошна истрага. Ова е седми пожар на подрачјето од Крива Паланка во септември, а во август се бележат дури 27 интервенции.