Daily news
Пожарот во Македонски Брод се проширува

Пожарот што подолго време е активен во реонот на Македонски Брод вчера во попладневните часови се проширил на територијата на Општина Гостивар, во атарот на селата Корито и Железна Река. Пожарот е на терен непристапен за возила, што го отежнува неговото гасење, информира Центарот за управување со кризи.
Во пожарот е зафатена површина обрасната со сува трева, смрека, како и мешана шума. Пожарот кон село Страјане и кај манастирот е локализиран, а од спротивната страна е сè уште активен. Во атарот на село Корито горат сува трева и пасишта, но состојбата таму не е опасна.
Според пристигнатите информации до 8 часот утрово, пожарот во атарот на село Требовле сè уште е активен, но засега нема опасност за селото, информира ЦУК. Исто така, велат од таму, спречено е и напредувањето на пожарот кон село Растеш, тој дел од пожарот се контролира.
Во Тетовско-полошкиот Регион, пожарот што е активен во село Здуње има тенденција за проширување во атарот на село Гургурница.
Шумскиот пожар во реонот помеѓу селата Девич и Грешница е активен, но моментно нема опасност во населено место.
Во Скопскиот Регион противпожарна екипа во 21 и 45 часот интервенирала на запалена шума во атарот на село Студеничани.
Во Пелагонскиот Регион вчера во 14.30 часот се појавил пожар во атарот на с. Локвени кон с. Подвис, зафатена е дабова шума, а огнот не е изгаснат.
Утринава има активен пожар кој ги зафаќа падините на Горна Јакупица. Пожарот е на тешко достапен терен.
Во текот на вчерашниот ден, во претпладневните часови, на потегот помеѓу селата Теранци и Видовиште (општина Зрновци – Кочани), кај месноста наречена Трнавица, избувнал шумски пожар во ниска шума и почнал да се шири кон манастирот „Света Петка“ на планината Плачковица. Побарано е во гаснењето на пожарот да се вклучи и хеликоптер. Пожарот е активен, но не претставува опасност за селата во таа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.