Daily news
Порака до алијансата: НАТО може да смета на Македонија
Македонската делегација, во состав заменик-претседателот на Владата и министер за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска учествуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1), на кој официјално се затвори 17. циклус на Акцискиот план за членство во НАТО.
Со состанокот претседаваше заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер, а пред амбасадорите на Северноатлантскиот совет се обратија двајцата министри. Во таа пригода од страна на македонската делегација беше демонстрирана цврстата определба на Владата за унапредување на односите и соработката со НАТО и во тој контекст беа упатени пораки до алијансата.
„НАТО може да смета на Македонија бидејќи оваа Влада ги исполнува ветените резултати преку квалитетни реформи базирани на инклузивност и партнерство и цврста заложба за воспоставување нова култура на транспарентност, отчетност и одговорност. Владата презема решителни чекори за промоција на својата меѓународна позиција и унапредување на регионалната соработка преку суштински пристап на водење отворени, искрени и конструктивни односи кон нашите соседи, што имаат цел решавање на постојните отворени прашања во регионот наместо создавање проблеми. Тоа е политика базирана на заемна доверба, почит и солидарност и Македонија ќе продолжи и понатаму да ја зајакнува својата улога како активен контрибутор кон обезбедувањето на глобалниот мир и безбедност“.
Како што соопшти Владата, на состанокот е реафирмиран политичкиот и општествениот консензус за евро-атлантско интегрирање на земјата, како и целосната подготвеност на земјата да се вклучи во алијансата како нејзина рамноправна членка во согласност со постигнувањата во реформите и нејзините капацитети и подготвеноста за рамноправно учество во меѓународните мировни операции.
Од страна на заменик-генералниот секретар и од претставниците на земјите членки на алијансата искажани се позитивни ставови и охрабрување за определбата на земјата за јакнење на соработката со НАТО и за напорите што ги презема за што побрза интеграција во алијансата.
„Исто така, беше искажана и широка поддршка за успешните домашни реформски процеси што ги спроведува сегашната Влада, како и поддршка за конструктивната улога на Република Македонија во регионалната соработка, а особено за стабилноста на регионот и за нејзината улога на контрибутор кон меѓународната безбедност, со значајното учеството во мисиите на НАТО и другите мировни операции. Во коментарите од делегациите беа упатени и препораки за натамошно силно темпо во борбата против организираниот криминал, корупцијата, реформата на судството, независноста на медиумите и другите приоритети на Владата“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.