Daily news
По 40 години, музичкото училиште „Илија Николовски-Луј“ доби нова концертна сала и пијано

По 40 години постоење, откако училиштето се наоѓа во зградата изградена во 1978 година, учениците во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје добија своја концертна сала.
Капацитетот на салата е 90 места, а освен за концерти, таа е опремена со студиска опрема каде што ќе може професионално да се снимаат студиски снимки. Освен салата, учениците добија и комплетно реставриран концертен клавир „петроф“. За таа цел клавирот беше испратен во фабрика во Чешка каде што беше направено реставрирањето.
„Се гордеам што успеавме да ја реализираме идејата училиштето да има своја концертна сала. Нашите концерти во изминатиот период ги одржувавме најчесто во некоја од концертните сали на Факултетот за музичка уметност, Даутпашиниот амам или во Културно-информативниот центар „Салон 19,19“. Сега имаме преубава сала во која учениците ќе може да го покажат наученото, а публиката да ужива во нивното музицирање. Освен тоа, многу сум радосен што успеавме да го реставрираме концертниот клавир, кој беше во многу лоша состојба. Сега нашите ученици имаат можност да свират на клавир каков што нема ниту една институција во Македонија“, изјави директорот Јован Бицевски.
„Звучи како ново. Механиката е прекрасна, звукот, бојата, допирот. Дефинитивно, би свирел на него уште многу изискателни програми. Многу сум среќен што ДМБУЦ може повторно да привлече многу пијанисти од Европа и светот кај нас со овој потег, а со тоа да се остварат многубројни соработки“, изјави пијанистот Дино Имери.
Отворањето на салата ќе се одржи утре, 18 октомври, на патронатот на училиштето. Пред многубројната публика, меѓу кои секогаш е присутно и семејството на Илија Николовски-Луј, ќе настапат некогашни и сегашни ученици: Олег Кондратенко, Горан Муратовски, Блерим Груби, Паскал Краповски, Весна Ангелова, Арда Мустафаоглу, Александар Иванов, Дино Имери, Инес Неделковска, Ана Дурловски, Зорица Каракутовска и Филип Стемевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.