Daily news
Унапредување на земјоделството и поголема соработка меѓу Македонија и Грузија
Унапредување на трговската размена, соработка и размена на искуства од областа на земјоделството, модели за справување со елементарни временски непогоди, ова се дел од темите кои беа предмет на разговор при официјалната посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на Република Грузија.
Во рамки на посетата на Тбилиси, министерот Николовски оствари средба со грузискиот министер за земјоделство, Леван Давиташвили, на која двајцата министри ги презентираа актуелните состојби во земјоделството. Министерот Николовски го запозна министерот Давиташвили со политиките на македонската Влада за развој на агросектор и проблемите со кои се соочува Македонија во овој сектор.
Од друга страна, министерот Давиташвили ги образложи искуствата на Грузија за унапредување на земјоделството и можностите за поголема соработка со Македонија на полето на увоз/извоз на земјоделско-прехранбени производи.
Според официјалните статистички податоци, Македонија и Грузија и покрај потенцијалите, засега имаат слаба трговска соработка. Трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Грузија е симболична. Минимален извоз од Република Македонија во Република Грузија имало во 2016 година, и тоа е извоз на режано цвеќе (рози, итн.) во вредност од 10.500 евра. Во 2016 и во 2017 година има минимален увоз на лавров лист од Република Грузија во Република Македонија во износ од 3.500 евра. Министерите Николовски и Давиташвили се согласија дека Македонија и Грузија се земји со мали економии, но имаат огромен потенцијал, кој преку почести средби и меѓусебна соработка, може заеднички да се искористи, од што бенефит ќе имаат и двете земји.
Николовски го посети и државниот воен научно-технички центар „Делта“, каде што од страна на заменик-министерот за одбрана на Грузија, Гиорги Бутхузи, заменик-министерот за земјоделство, Нодар Келеселиѕе, и генералниот директор на „Делта”, Уџа Џуџуашвили, беше презентирано функционирањето на дигитализираниот автоматизиран систем за заштита од град, како и начинот на лансирање на противградобијни ракети. Се работи за софистициран систем, со кој според годишниот извештај на центарот „Делта“, Грузија, од 56 денови со градоносни облаци, во 53 денови системот ефикасно се справил, со што успешноста била 96 проценти и успеала да заштеди околу 10 милиони евра за исплата на штети само во регионот Какхети. Делта центарот располага со 84 базни станици за испалување ракети. Од центарот посочија дека веќе се разработува и модел на имплементација на систем за заштита од пожари. На средбата беше договорено експертски тим од Делта центарот да дојде во Македонија за да изврши скенирање на теренот.
Овие искуства се добредојдени за Македонија бидејќи во последните години има чести појави на временски непогоди, особено на град, коишто предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производството.
Инаку, ова е прва посета на македонски функционер на Република Грузија. Министерот Давиташвили ја прифати поканата на министерот Николовски за официјална посета на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.