Daily news
Првоборецот Дане Крапчев стана Даме на избирачкото место 2861, роднините навредени пријавиле кај омбудсманот
Канцеларијата на народниот правобранител од утрово, откако се отворени линиите за пријавување изборни нерегуларности, добила 20-ина повици од граѓани. Кога излегле на гласање, во Канцеларијата се јавиле роднини на првоборецот Дане Крапчев и се пожалиле дека името му било погрешно напишано.
„На избирачкото место 2861 првоборецот Дане Крапчев бил прекрстен во Даме. Се јавија роднините и се пожалија дека се почувствувале навредени од елементарното непознавање на историјата. Тие најавија дека ќе дојдат во Канцеларијата за да објаснат детаљно каде било погрешно напишано името на првоборецот“, изјави Зоран Билбиловски, државен советник во Канцеларијата на народниот правобранител, за „Макфакс“.
Бројот на јавувања кај омбудсманот, во споредба со претходните избори, е драстично намален. Минатите избори до 15 часот имале 100 јавувања, а годинава се само 20. Во канцелариите во Битола, Штип, Тетово, Куманово и во Кичево воопшто немало јавувања, а во Струмица еден граѓанин се пожалил дека болно и изнемоштено лице немало можност да гласа, но утврдиле дека лицето не се пријавило за гласање во домашни услови.
Во Канцеларијата во Скопје граѓаните најмногу се жалеле дека ги нема во Избирачкиот список. Во неколку случаи од Канцеларијата утврдиле дека граѓаните ги менувале личните карти во период кога Избирачкиот список бил затворен. Неколкумина се пожалиле дека на избирачките места забележале дека не работат УВ-ламбите, а имало и јавувања за гласачки ливчиња откинати сосе сериските броеви.
„Имавме пријави дека на болни, сместени во болници, им било скратено правото да гласаат, но во ваквите случаи им објаснуваме дека законот е прецизен и укажува дека гласање во болници нема, туку дека болниот може да го оствари своето право ако отиде дома и пријави дека сака да гласа во домашни услови“, рече советникот Билбиловски.
Кај нив граѓани пријавиле и дека не можат да гласаат оти лифтот им е исклучен во една од кулите во Стар Аеродром, но нивна екипа излеглана терен и утврдила дека веднаш до расипаниот лифт има лифт што работи.
Телефонските линии во Канцеларијата остануваат отворени за граѓаните до крајот на гласањето. Броевите на кои може да се пријават изборни нерегуларности се 3129-367 и 3129327.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.