Daily news
Превирања во Беса, Касами насилно влегол во партиското седиште во Скопје
Продолжуваат превирањата во Движењето Беса. Во скопското седиште на партијата изутринава разрешениот лидер Биљал Касами заедно се група поддржувачи со сила влегле во просториите во Мавровка. Веднаш била повикана полицијата на местото на инцидентот.
Од полицијата за „Макфакс“ велат дека инцидентот бил пријавен изутринава околу 10.30 во Полициската станица Бит- пазар. „Пријавено е дека биле обиени вратите на политичката партија Беса кои се наоѓаат во Трговскиот центар Мавровка. Полициски службеници излегле на местото на настанот и се врши разговор со претставници на Беса и агенцијата која што ги обезбедува партиските канцеларии“, велат од полицијата.
Насилниот упад во партиското седиште во Скопје следи откако на Касами вчера не му било дозволено да влезе во седиштето во Скопје, по што тој поднесе пријава во полиција.
„Откако два дена по ред се обидовме да влеземе во седиштето на партијата, истото ни беше оневозможено. Внатре во седиштето на партијата имаше непознати неовластени лица. Веднаш ги инфориравме компетентните институции за да дојдат на лице место и да извршат увид. Откако заврши увидот, за неколку дена ќе има и кривични пријави за узурпирањето на седиштето на Движењето Беса во Скопје“, истакна Абдуш Демири.
Во меѓувреме прес-конференција одржаа и претставници на тетовскиот огранок на Беса, кој се сврте контра Касами и јавно соопшти дека стојат за новоназначениот привремен претседател Неџбедин Каремани, кој е пратеник од тетовскиот регион. Тие порачаа дека ќе поддржат кандидат кој ја обединува партијата, а не зад Биљал Касами.
Дел од членството бара Касами да ја прифати одговорноста за поразот на локалните избори на кои и тој директно загуби во трката за градоначалник на Тетово. Исто така оставка од позицијата потпретседател си поднесе Зекирија Ибраими кој ја загуби трката за градоначалник на Чаир.
Раздорот во партијата започна викеондов кога се одржаа две паралелни средби – една во Скопје, а друга во Тетово – а на кои беше донесе сосема спротивни заклучоци. На седница на Централниот совет во Тетово беше донесена одлука да се одржи партиски конгрес на 24-ти февруари, до кој со партијата и натаму ќе раководи претседателот Биљал Касами. Од друга страна, на седницата во Скопје беше разрешен Касами од лидерската позиција и најавен беше конгрес на 21 февруари, до кој со партијата ќе раководи пратеникот Неџбедин Каремани. Тој на пратеничката функција дојде откако од собраниските клупи се повлече Касами, за да учествува во изборната трка за градоначалник на општина Тетово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.