Daily news
Реакција на Кинотека на Македонија за обвинувањата на Милчо Манчевски
Во врска со објавената информација во одреден број медиуми, со наслов „Кинотека на Македонија одбива да ги прати во Шангај филмовите на Милчо Манчевски„, Кинотеката на Македонија би сакала официјално да одговори, при што ги молиме сите медиуми кои ја пренесоа оваа информација, да го пренесат и соопштението на Кинотеката на Македонија.
„Кинотеката би сакала да ја запознае јавноста со неколку работи, кои во соопштението на „Банана филм“ испратено до медиумите, а зад кое соопштение веројатно стои самиот режисер Милчо Манчевски, ги премолчува или намерно ги пренебрегнува.
Во 2015 година, со целосна финансиска поддршка на Министерството за култура, беа дигитализирани четирите играни филмови на режисерот Милчо Манчевски.
На негово барање, дигитализацијата беше направена во лабораторијата на ARRI во Минхен. Значи, ниту еден „странски партнер“ не дал финансиски средства за дигитализација на неговите филмови.
Понатаму, во соопштението се наведува „Ни најмалку не ме изненадува што Кинотеката не сака да ги прати моите филмоиви… Не им е прв пат…“. Би сакале во оваа прилика да го потсетиме г-динот Манчевски, и да ја информираме пошироката јавност, дека
Кинотеката на Македонија, секогаш кога беше побарано од неа, таа ги испраќаше неговите филмови на фестивалите ширум светот. Овде би споменале само неколку: DCP копија од филмот „Пред дождот„, мај 2015 година во Тајпеј, DCP копија од филмот „Пред дождот„, јуни 2015 година во Нови Сад, DCP копија од филмот „Мајки„, август 2015 година во Локарно, DCP копии од филмовите „Прашина„, „Сенки„ и „Мајки„, септември 2015 година во Торонто. И на крај, но не помалку важно, во јануари 2017 година Кинотеката испрати 35 мм. филмска копија од филмот „Пред дождот„, на фестивал во Норвешка.
Уште еднаш би сакале да го потсетиме г-динот Манчевски дека Кинотеката на Македонија, секогаш кога било побарано тоа од неа, ги ипраќала неговите филмови.
И сега за, како што се вели во соопштението, „скандалозното однесување на Кинотеката на Македонија, која одбива да ги прати филмските копии во Шангај…“.
По завршувањето на целокупниот проект за дигитализација на неговите играни филмови, г-динот Милчо Манчевски инсистираше Кинотеката на Македонија да му достави копии од неговите филмови, како би можел тој самиот да ги испраќа филмовите таму каде што тој сака и каде што тој мисли дека треба да се прикажуваат.
Поради тоа, во компанијата ФХ3Х во Скопје, беа направени копии од бараните материјали, повторно со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Како резултат на ова барање на г-динот Манчевски, на 12 декември 2015 година, а во присуство на г-ѓата Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, како негов претставник, му беа предадени 4 LTO ленти со сите материјали, како и 4 хард дискови со DCP фајли од сите негови филмови.
Во месец март 2017 година, добивме барање за „асистенција во врска со прикажување на филмовите „Пред дождот„, „Прашина„ и „Мајки„ на меѓународниот фестивал во Шангај“, од г-ѓата Татјана Ќурчинска Пепељугоска, при што Кинотеката беше замолена „да излезе во пресрет (?!?) во врска со испраќање на филмовите“.
Во неколкуте преписки со г-ѓата Ќурчинска Пепељугоска, како и со режисерот Манчевски, а и во неколкуте лични телефонски контакти, беше взаемно констатирано дека Кинотеката достави DCP копии до режисерот Манчевски, токму од тие причини, тие, дали Манчевски или Ќурчинска Пепељугоска да ги испраќаат филмовите каде треба.
Уште повеќе, Кинотеката, во оваа комуникација понуди и помош доколку тие имаат некакви технички, или други проблеми, да им излезе во пресрет.
Бидејќи, од нивна страна не беше посочен било каков проблем, ниту побараа било каква помош, остана на тоа дека тие имаат копии од филмовите и тие ќе ги испратат.
Како што може да се забележи, во 2015 година, до предавањето на копиите на г-динот Манчевски, Кинотеката во неколку наврати ги испраќаше неговите филмови.
Се до последното барање за Шангај, односно речиси година и половина, до Кинотеката нема доставено барање за прикажување на дигиталните копии на неговите филмови. Зошто во овој период нема барање до Кинотеката, тоа може да одговори само режисерот Манчевски. Уште повеќе, Кинотеката, на сопствена иницијатива, во меѓувреме прикажувала некои од неговите филмови, се разбира, со претходна дозвола од режисерот Манчевски.
Кинотеката на Македонија, како што може да се види, имала значајна улога во претставувањето на нашиот амбасадор на културата во светот, и затоа мислиме дека не заслужуваме да бидеме наречени „шпедитери“, особено што директорот на Кинотеката никoгaш на г-динот Милчо Манчевски не му рекол дека „Кинотеката не сака да биде негов шпедитер“„ се вели во реакцијата на Кинотека на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.