Daily news
Реакција на Јадран филм на текст за серијата „Македонија“
Во врска со денешниот текст на „Макфакс“ со наслов „За серијата ‘Македонија’ најмногу пари влегле во Хрватска, дел завршил и на сметка во САД“ во редакцијата стигна демант од продуцентската куќа „Јадран филм“ во кој е нејасно што точно се демантира. За сите информации објавени во „Макфакс“ се користени официјални извори. Текстот ви го пренесуваме во целост.
Поврзано со вашиот текст “За серијата ‘Македонија’ најмногу пари влегле во Хрватска, дел завршил и на сметка во САД“ длабоко сме разочарани и непријатно изненадени од количината на лаги и конструкции кои вашиот медиум и новинарката Ана Василевска ги пишува во самиот текст и неприродно за новинар и новинарската дејност навива за една страна наместо да ги презентира фактите.
Како прво, изненадени сме од големиот број граматички грешки во текстот, веројатно е брзано во конструкцијата на лагите кои се објавени, и дополнително и зборовите кои се бирани во самиот текст. Прво одлучете се дали се денари или евра, потоа кога веќе пишувате текст наведете кои фирми, од кога се во стечај и слично.
Во текстот застанувате во одбрана в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, и неговите обвинувања, а во ниеден случај не ја пренесовте изјавата на Винко Грубишиќ и неговите обвинувања кон Горјан Тозија. Да Ве потсетам, за финансиските средства има извештај кој е доставен и дека тој има дадено двојна гаранција за секој потрошен денар, а Вие упорно го криете тој факт. Нашата матична куќа „Јадран филм“ вреди повеќе десетици милиони евра и нема долгови, за разлика од Горјан Тозија. „Јадран филм“ е најголемо и единствено студио кое ја преживеа транзицијата.
Продуценстската куќа „Јадран филм“ во однос на потрошените финансиски средства има доставено валиден ревизорски извештај од овластена ревизорска куќа со кој се потврдува законското и наменското трошење на средствата. Ревизорскиот извештај е проследен до сите надлежни и релевантни институции во државава. Во иднина пред да објавувате небулозни и неточни податоци најдобро би било претходно да ги проверите информациите!
Вашето тврдење дека повеќе од 65% од средствата наменети за реализација на првата сезона, односно серијата се потрошени во странство, односно изнесени надвор од Македонија може да се демантира со проста математика. Финансиските средства со кои „Јадран филм“ располагал се 52,9% од вкупниот буџет за реализација на првата сезона, односно 17,5% од вкупниот буџет за реализација на играната серија или јасно и прецизно, тоа се 49.442.160 денари или приближно 800.000 евра. Значи Вашите паушални и непроверени информации се повеќе од провидни – не постои математичка операција која ќе ја потврди Вашата информација за потрошени над 65% надвор од Македонија и прекршување на Законот за филмска дејност. Кога сме кај Законот за филмска дејност – тој е еден и единствен – така што недозволиво е како новинар кој ја истражува оваа приказна како што Вие милувате да кажете речиси две години да не знаете дека не постојат НЕКОЛКУ Закони за филмска дејност!
Дополнително вршите груба дезинформација со тоа што наведувате дека пари се наменети за медиумски куќи. Тоа е потполна лага.
„Не се исклучена можноста да се потврдат сознанијата на ‘Макфакс’ дека преку овие фирми се мотивирани медиумски куќи во полза на пропагандни текстови за поранешната македонска влада“.
Дополнително, ВЕ замолувам да не ја лажете јавноста дека истрага се води тајно од страна на ДОРХ туку согласно со важечките закони во Р. Хрватска не можат да ви одговорат на вашите прашања и дека податоците за кое било лице се тајна и дека таква информација не можат да Ви дадат. Изјавата на портпаролот на ДОРХ веднаш ја проверивме и таа изјави дека такво нешто не изјавила.
И кога веќе говорите за договорот, треба веродостојно да пренесете дека договорот не е прекинат туку еднострано раскинат од страна в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, иако тој таква можност нема во договорот кој е потпишан. Би требало да знаете дека договорот може само да се раскине со одлука од страна на Управниот одбор (така стои во договорот) и никако поинаку, а таква одлука од Управниот одбор нема. Во оваа пригода уште еднаш сакам да ја информирам јавноста дека кога говориме за непочитување на Законот за филмска дејност тоа ЕДИНСТВЕНО го прави в.д. директорот на Агенцијата за филм. Горјан Тозија во постапка која е незаконска, без почитување на највисокиот управувачки орган на Агенцијата за филм, УПРАВНИОТ ОДБОР, ги блокира средствата на наменската сметка на „Јадран филм“ за проектот „Македонија“. Зошто тоа не го прашавте в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија?
Бараме јавно да се извините за Вашиот текст и да ѝ се извините на јавноста за Вашите конструирани инсинуации и лаги!
Со почит
Јадран Филм дооел и екипата на проектот „Македонија“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.