„Единаесетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметено по неконтролираното и расипничко задолжување на граѓаните заради луксуз и криминални тендери и по многуте кривични пријави против функционерите од таа партија. Последен доказ за тоа е кривичната пријава која приватна фирма ја поднесе токму против Христијан Делев, кој се сомничи дека заедно со уште двајца високи функционери од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ сториле измама и злоупотреба на службената положба“, се вели во писмената реакција на СДСМ на прес-конференцијата на Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, граѓаните секојдневно ја гледаат суштинската разлика меѓу безмилосното и расипничко трошење на парите на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ заради остварување на криминалните апетити на Никола Груевски и соработниците и одговорното управување со парите на граѓаните од страна на Владата предводена од СДСМ.
„Парите на граѓаните веќе не се трошат на споменици и криминални тендери, туку се користат за повисоки пензии, покачена минималната плата и трајно решавање на проблемот со стечајните работници. Тоа е разликата со која ВМРО-ДПМНЕ и Делев не можат да се помират“, се вели во реакцијата на СДСМ.