Daily news
Секој десетти Македонец боледува од дијабетес
Околу 200.000 илјади граѓани на Македонија боледуваат од подмолната болест дијабетес која директно предизвикува сериозни проблеми со видот, аларамираат од Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје по повод Светскиот ден на дијабетесот.
И овој 14 ноември светот го обележува денот на дијабетесот преку глобална кампања промовирана од Светската здравствена организација (СЗО) за да се зајакне свесноста на граѓаните за потребата од засилена грижа за превенција на оваа болест.
Според светската статистика, оваа болест последните години доживува рапиден раст и од неа боледуваат околу 450 милиони луѓе во светот. Доктор Наум Трпеноски од Специјалната очна болница „Деница“ советува сите лица што страдаат од дијабетес да направат навремена контрола на видот. Видот е еден од позначајните здравствени аспекти кој страда како последица токму на оваа болест.
Многу лица со дијабетес имаат проблеми со видот. Нарушувањата на видот почесто се јавуваат кај долгогодишните дијабетичари и кај оние пациенти кај кои регулацијата на шеќерот во крвта е несоодветна. Токму поради овие причини, за лицата со дијабетес многу е важно да не ги занемаруваат проблемите со видот и редовно да одат на прегледи кај офталмолог. Најчестите промени кај дијабетесот се јавуваат на крвните садови на мрежницата на окото и на очната леќа.
Забележано е дека кај дијабетичарите лесно и често се развиваат и промени на очната леќа во смисла на катаракта.
„Важно е да се знае дека, во денешно време, со помош на напредните методи на дијагностика и лечење, сосема мал процент луѓе заболени од дијабетска ретинопатија има сериозни проблеми со видот. Правовременото откривање на дијабетската ретионпатија е најдобриот начин за да се спречи губитокот на видот“, вели доктор Трпеноски.
Дијабетесот е болест на организмот која се јавува кога човечкиот организам не успева правилно да го користи и да го складира шеќерот, што резултира со оштетувања на крвните садови во мрежницата на окото, но и со други оштетувања. Диајбетската ретинопатија настанува кога поради зголемена концентрација на гликоза во крвта доаѓа до оштетување на малите крвни садови во мрежницата на окото (ретината). Болеста е погресивна и поминува низ неколку стадиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.