Daily news
(Видео) Семејство заспива со змии и глувци, јаде од контејнери и нема здравствено осигурување
Заборавени од општеството и цивилизацијата, семејството Доневи од струмичкото село Дражево преживуваат во нечовечки услови. Таткото Стоил заедно со сопругата Нетка и двете ќерки Марина и Душка оставени на милост и немилост секој ден се будат со помислата дали ќе го преживеат денот.
Ова семејство нема здравствено осигурување, помалата ќерка, Душка, има здравствени проблеми и за краток период мора да оди на операција која нејзините родители не можат да ја платат.
Стоил и Нетка веќе подолг период бараат помош од државата, соседите и пријателите во Струмица, но сè уште се далеку од сумата што им е потребна. Родното село на семејството Доневи се наоѓа 28 километри источно од Струмица, веднаш до границата со Република Бугарија.
Дваесетгодишните Марина и Душка заедно со својот татко секој ден патуваат до Струмица каде што од контејнерите собираат пластични шишиња и железо кои потоа го продаваат во отпадот за да заработат парче леб. Куќата во која живее ова социјално загрозено семејство е во катастрофална состојба, потопените ѕидови во секој момент може да се срушат и да паднат врз нив. Низ дупките на стариот и дотраен покрив на куќата, која се распаѓа, може да се види небото над Држево.
При секој пороен дожд целиот дом на Доневи е преплавен, ова семејство практично живее под отворено небо. Змиите и глувците се редовни гости во домот на Доневи. Тие се принудени да спијат со запалено светло за да не станат жртви на непоканетите посетители кои слободно влегуваат и излегуваат низ бројните дупки на ѕидовите во куќата.
„Она малку храна што ја купуваме со парите од пластичните шишиња и железото ја јадат глувците и змиите, куќата е во лоша состојба и се распаѓа. Немаме ниту тоалет, нужникот ни е надвор, позади куќата, немаме јама, немаме средства за хигиена, едноставно немаме основни услови за живот“, вели за „Макфакс“, Стоил Донев.
Шеесет и четиригодишниот Стоил поседува ниви, но е неспособен и не може да ги работи, а како што вели, не може ниту да ги продаде. Нивите кои ги поседува уште од своите предци биле причина социјалната парична помош која Доневи ја добивале да биде намалена. Пред неколку години тие добивале 6 илјади денари социјална парична помош, но откако државата видела дека Стоил поседува ниви, паричната помош веднаш им била скратена на 2 илјади денари, кои не се доволни ниту за месечните сметки.
Доневи немаат ниту функционален шпорет на кој можат да подготват храна и да се топлат во зимскиот период. Шпоретот што го имаат е најден во некој од струмичките контејнери, работи делумно и не е безбеден, може да се запали и да предизвика пожар во и така руинираната куќа. Ова семејство нема основи услови за живот и има потреба практично од сè, од средства за лична хигиена до поправка на куќата.
Конкретно, на Доневи најпотребна им е храна, топла облека и обувки, машки, број 41, женски, 39 и 40. Градежни услуги за репарирање на куќата, плочки, паркет, санитарии, мебел, фрижидер, електричен шпорет или шпорет на дрва, кујна, садови и прибор за јадење, кебиња, јоргани, перници и постелнина.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.