Daily news
Словенечкиот претседател Борут Пахор со највисока плата во регионот, Иванов и Мета со најниска
Претседателот на Словенија, Борут Пахор има најголема месечна плата во регионот. Најголеми примања во однос на просечната плата примаат членовите на Претседателството на БиХ. Најниски примања во регионот имаат македонскиот претседател Ѓорге Иванов и албанскиот шеф на државата, Илир Мета. Ова го покажуваат најновите официјално објавени податоци, кои што ги пренесоа сите медиуми во регионот.
На врвот на листата е словенечкиот претседател Борут Пахор кој има најголема месечна плата во регионот. Како што се наведува во неговиот имот доставен до Изборната комисија, неговите месечни примања изнесуваат 3.322 евра. Повеќе од 3.000 евра изнесуваат месечната плата на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и членовите на Претседателството на БиХ.
Централната изборна комисија на БиХ наведува дека членовите на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, Драган Човиќ и Младен Иваниќ примаат 2. 862, 2.874 и 3 .536 евра месечно. Претседателот на Србија има три пати помала плата од хрватските и БиХ соседи. Александар Вучиќ месечно прима 1 .083 евра, што е најмала претседтелска плата во регионот. Претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ месечно заработува нето 2. 423 евра. Косовскиот претседател Хашим Тачи, пак, заработува 2.873 евра.
Помалку од 2000 евра месечно заработуваат македонскиот претседател Ѓорге Иванов (1.250евра) и на Албанија, Илир Мета (1.425 евра).
Ако ги споредат претседателските примања со просечната плата, апсолутни рекордери се членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, кои примаат седум пати повеќе од просекот во државата. Претседателите на Хрватска, Македонија и Словенија примаат три пати поголема плата од просекот во својата земја, додека претседателот на Србија прима два пати повеќе отколку што изнесува просечната плата во Србија.
Според претходно објавените податоци, најголеми плати во регионот земаат Словенците, а најмали Македонците. Во Словенија на крајот на 2017 година просечната нето плата се искачи на 1.062 евра, што е зголемување од 1,7 отсто во однос на претходната година. По Словенија е Хрватска, каде според најновите податоци просечната плата изнесува 835 евра.
Следува Црна Гора, во која, според најновите податоци на црногорскиот Завод за статистика, просечната плата последните месеци од 2017 година изнесувала 512 евра. Републичкиот завод за статистика на Србија покажува, пак, дека просечната плата во оваа земја на крајот на 2017 година се движела околу 459 евра.
Најниска просечна плата на Балканот имаат БиХ и Македонија. Во БиХ просечната плата се движи до 440 евра. Според Државниот завод за статистика на Македонија, пак, просечната плата изнесува 377 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.