Daily news
Снегот блокира повеќе патишта во Македонија, отсечени десетина села

Според најновите информации од Центарот за управување со кризи, неколку патишта во околината на Скопје, како и во другите делови на Македонија, се целосно непроодни поради врнежите од снег.
Во општина Кисела Вода патните правци од Марков Манастир до селата Црн Врв и Патишка Река не се проодни за сообраќај за сите видови возила, како и во општина Зелениково, патните правци од станицата Зелениково до селата Добрино и Дејковец.
Во општина Чучер Сандево патниот правец кон селата Брест, Малино и Танушевци е непрооден и тие во моментот немаат ниту електрична енергија.
Што се однесува до патиштата во преостанатиот дел од земјава состојбата е следна:
Прилепски Регион
Во општина Крушево регионалниот патен правец Крушево-Пуста Река не е прооден.
Гевгелиски Регион
Во општина Валандово локалниот пат Чалакли-Башибос не е прооден.
Струшки Регион
Во општина Струга непрооден е патниот правец што ги поврзува селата во Малесија, односно патниот правец од с. Присовјани до хидроцентралата „Глобочица“ и патниот правец с. Бороец-с. Јабланица.
Велешки Регион
На подрачјето на општина Чашка сообраќајот се одвива отежнато со користење зимска опрема, освен локалниот пат с. Богомила-с. Нежилово-с. Ореше, кој е непрооден и со користење зимска опрема. Се преземаат активности за расчистување на снегот на локалниот пат с. Дреново-Долно и Горно Јаболчиште. Во општините Свети Николе и Лозово во моментот, поради снежни наноси предизвикани од силниот ветер, не се проодни патните правци кон селата Кнежје, Орел, Трстеник, Павлешенци, Малино, Крушица, Преод и Долно Ѓуѓанци.
Штипски Регион
Во општина Штип непроодни се патиштата кон ридско-планинските села Шашаварлија, Брест, Горачино, Танатарци, Пухче и Љуботен. Во општина Карбинци непроодни се сите ридско-планински села на планината Плачковица, што е условено со чистење на регионалниот пат с. Аргулица-одморалиште „Плачковица“.
Липковски Регион
Во општина Липково патните правци што гравитираат кон планинските села се непроодни.
Кумановски Регион
Регионалниот пат Крива Паланк- с. Огут е непроден, отсечени се селата Габар, Метежево, Огут и Нерав. Регионалниот пат Крива Паланка-с. Луке е прооден во зимски услови. Локалниот пат с. Дурачка Река, м.в. Метов-с. Дренак е непрооден.
Регионалниот патен правец Ранковце-с. Герман е непрооден.
Гостиварски Регион
Во општина Маврово-Ростуше патниот правец кон с. Галичник е непрооден. Во општина Врапчиште сите патни правци се проодни, освен кон Пожаране и Ломница, кои сè уште не се проодни.
Од „Македонијапат“ и АМСМ известуваат дека забрани за тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово-Дебар, Крак Стража-Кичево и на планинските премини Пресека и Ѓавато.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.