Daily news
(Видео) Спектакл во Скопје: Реал заслужено го освои Суперкупот
Реал Мадрид, актуелен европски првак, ја одбрани титулата во Суперкупот на УЕФА кога во борбата за трофејот го совлада победникот во Лига Европа, Манчестер јунајтед, со 2:1 (1:0). Реал го освои овој трофеј четвртипат во својата историја, а Манчестер јунајтед остана на својот еден единствен трофеј и во финалињата во Суперкупот го доживеа третиот пораз. Исто така, во меѓусебните дуели Реал ја забележа петтата победа, Јунајтед остана на две, а четири натпревари завршиле без победник. Реал победи во Скопје со головите на Каземиро и Иско, а стрелец за Јунајтед беше Лукаку. За играч на натпреварот е прогласен Иско.
Манчестер јунајтед на стадионот „Филип Втори“ прв се закани кога Ерера со долга топка се обиде да го пронајде Лукаку, но Навас беше побрз од напаѓачот на Јунајтед.
Веднаш потоа се обиде и Бејл, но неговиот итар удар со петица мина крај голот.
Реал од 15. минута ја презеде контролата врз играта, со кратки проигрувања го бараше патот кон голот на Де Хеа.
Каземиро по корнерот што го изведе Крос во 16. минута ја погоди гредата, потоа Крос и Иско се обидоа со удари, за Де Хеа да биде совладан во 24. минута. Карвахал упати дијагонала кон Каземиро, кој втрча од втор план и го погоди спротивниот агол од голот на Де Хеа. Бразилецот во моментот на прием се наоѓаше во сомнителна позиција.
До крајот на полувремето Бензема се обиде, но голманот на Јунајтед го одбрани неговиот удар.
Со истата агресивност Реал влезе и во второто полувреме, а влегувањето на Рашфорд во игра не донесе никаква промена во играта на Јунајтед.
Крос во 47. минута упати удар од 18 метри, но Де Хеа со прекрасна парада успеа да одбрани. Минута подоцна Марсело го искористи недоразбирањето помеѓу Мхитаријан и Валенсија, успеа да нафрли, а Смолин во последен момент исфрли во корнер.
Јунајтед не успеа да се спаси во 52. минута кога Бејл и Искош изведоа школска акција, а Шпанецот пласира крај немоќниот Де Хеа.
Јунајтед можеше да намали во 54. минута кога Навас го одбрани ударот со глава на Погба, а потоа Лукаку од 7-8 метри упати удар високо над голот.
Бејл порозноста на одбраната на Јунајтед не успеа да ја круниса со гол. Велшанецот доби топка во празно од Каземиро, Де Хеа веќе беше совладан, но дирекот вторпат му беше сојузник на шпанскиот голман.
Кога Рела не успеа со повеќе голови да ја круниса својата надмоќ на теренот, Јунајтед намали од случајна акција. Матиќ во 62. минута шутира остро по земја, Навас само ја одби топката, на која налета Лукаку и ја смести во голот.
Постигнатиот гол ја раздвижи играта на „црвените ѓаволи“, успеаја да го притиснат противникот, но не и сериозно да се заканат во наредните десет минути.
Кејлор Навас спречи израмнување во 82. минута по ударот на Рашфорд, на кој му претходеше прецизно додавање од страна на Мхитаријан.
Веќе во наредниот напад Реал имаше ситуација три на два, а Дармијан пред Бензема исфрли во корнер.
Во тие моменти на теренот влезе најдобриот играч на Реал, Кристијано Роналдо.
Во наредните пет-шест минути падна ритамот на играта, а финишот донесе нови возбудувања. Најпрвин Навас со парада го одбрани обидот на Фелаини со глава, во 90. минута, а минута подоцна Лукас Васкез со вистинска минијатура се мина крај Погба и Дармијан, на повратната топка налета Марко Асенсио, а Де Хеа не дозволи да биде совладан.
Ненад Цветанов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.