Daily news
Тевдовски: Од 2019 ќе имаме план за буџетот за следните три-четири години

Од 2019 година сакаме да почнеме со среднорочно буџетирање, да излеземе од рамките во кои се планира само тековната фискална година и да имаме план за следните три или четири години, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, во своето обраќање на главниот панел на конференцијата „Евромани“, најголемата конференција од областа на финансиите во Централна и Источна Европа, која се одржува 23. година по ред во Виена, информираат од неговиот Кабинет.
Како што истакнал министерот, на оваа реформа ќе се работи во соработка со Меѓународниот монетарен фонд.
„Заедно со ММФ, ќе работиме на имплементирање на фискалните правила, на механизми со кои ефикасно ќе го контролираме нивото на јавниот долг. Една од клучните придобивки е дека ќе го промениме начинот на планирање и ќе се подобри таргетирањето особено кај социјалните надоместоци и земјоделските субвенции, со што ќе се подобри нивната ефективност“, истакнал Тевдовски.
Министерот рекол дека Македонија издала еврообврзница со историски најниска камата и дека тоа може да се смета за успех од повеќе причини.
„Прво, интересот на инвеститорите беше огромен, имаше огромна побарувачка од 3,5 милијарди евра или 7 пати поголема од понудата. Ова е јасен сигнал дека меѓународните инвеститори позитивно ја оценија перспективата на македонската економија. Второ, постигнавме историски најниска камата. Ова е јасен сигнал дека во минатото економските политки не биле најуспешни и поради тоа можеби сме плаќале повисока цена за еврообврзниците. Третата работа што би ја истакнал е дека Македонија сега првпат влезе во поактивно управување со јавниот долг, ја рефинансиравме еврообврзницата, која достасува во 2020 година, предвреме исплаќајќи ја третината од неа, која доспеваше наредните години по двојно пониска камата“, посочил Тевдовски.
Како што истакнал министерот, јавното трошење е насочено кон инфраструктурата, кон капитално интензивни проекти. Нагласил дека се работи на подобрување на поврзувањето со соседите, како и подобрување на инфраструктурата од главниот град до туристичките центри во земјата.
„Со оглед на тоа дека политичката криза е зад нас, очекувањата се дека земјата ќе направи чекор напред во однос на членството во НАТО, како и дека ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ. Ова ќе придонесе за поинтензивен и одржлив економски раст во Македонија“, рекол Тевдовски во своето обраќање.
На конференцијата во Виена присуствуваат над 1.100 учесници, вклучувајќи министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори, а министерот Теводвски бил еден од главните говорници, информираат од неговиот Кабинет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Бислимовски – Лорковски: Реформите во енергетиката мора да продолжат

Претседателот Марко Бислимовски, заедно со членовите и раководителите на секторите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) остварија средба со Артур Лорковски, директорот на Енергетската заедница.
Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, што ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, согласно новите европски мрежни правила – се сложија соговорниците.
Претседателот Бислимоски му се заблагодари на директорот Лорковски за позитивниот наратив за работата на РКЕ при презентацијата на Извештајот за имплементација на законодавството на Енергетската Заедница за 2024 година за државава во Собранието.
„Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап помеѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари . Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим кој се гради со години наназад и овој пат може да одговори на сите предизвици кои претстојат. “ изјава Марко Бислимоски, претседател на РКЕ
Лорковски посочи дека Енергетска Заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Процесот на транспонирање на ЕУ правилата е клучно за да осигура работата на РКЕ за стратешките прашања поврзани со обезбедување на сигурна, стабилна и континуирана испорака на енергија.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него

Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото

Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.