Daily news
Тилевски: Со чисто срце и душа влегувам во трката за градoначалник на Охрид
ВМРО-ДПМНЕ вечерва ја започна изборната кампања во Охрид каде што пред граѓаните се обрати и кандидатот за градоначалник на Охрид, Митко Тилевски. Тој изјави дека му причинува особена чест и задоволство да ја најави големата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и во целата татковина.
– Македонци, Турци, Срби, Египќани, Власи, Роми, Бошњаци, Албанци, застануваме гордо, со визија и сила. Дали сте подготвени да одиме и чекориме во нови победи? Целата оваа љубов и позитивна енергија што произлегува од вас е доказ за новата победа на овие локални избори. Да продолжиме таму каде што застанавме, со нови идеи, проекти и дела затоа што Охрид и може и знае уште подобро. Моето срце чука со илјадници срца за подобро утре. Вие ме знаете, ние се познаваме и знаете дека ќе создадеме уште повеќе за нас, за Охрид. Јас еднаш сум положил заклетва дека етички ќе ја извршувам должноста во мојата професија како доктор. Се гордеам на тимот што веќе деценија бевме институција за почит и направивме многу позитивни работи за Охрид – изјави Тилевски.
Тој дополни дека во оваа трка влегува со чисто срце и душа, без валкани раце, со чисто досие и чист образ, без афери и без ниту една црна дамка во својата професионална кариера.
– Заклетвата е света работа, затоа сега пред вас одговорно тврдам дека како иден градоначалник на Охрид најсовесно ќе ја извршувам својата обврска и должност кон граѓаните. Имам визија и мисија како Охрид да продолжи со нови проекти и да го усовршува вистинскиот и европски и современ лик. Околу мене има тим советници докажани во својата фела, полни со знаење, ентузијазам и со вистинска љубов кон Охрид и охриѓани. Ве уверувам дека како граѓанска, демохристијанска, десничарка опција секогаш нашата цел е остварување на сите прогресивни процеси во Охрид и Македонија. Единствени си стоиме на зборот. Нашата задача е решенија и дела затоа што идејата мора да се живее. Ете затоа имаме отчет пред народот – изјави Тилевски.
Тој напомена дека остварувањето долгорочен и економски раст, зголемување на конкурентноста и вработеноста, како и подобрувањето на животниот стандард на охриѓани, ќе бидат приоритетите на идната локална самоуправа.
– Стратегиските цели на јасно дефинираната програма ќе бидат: работа за сите, економски пораст и развој на Охрид, создавање нови работни места и намалување на стапката на невработеност и унапредување на туризмот и меѓународна соработка на градот. Доколку ја добијам вашата поддршка за градоначалник на локалните избори што следуваат, ве уверувам дека приоритетните проекти ќе бидат реално остварени и целосно покриени од локалната самоуправа.
Тилевски претстави и дел од главните проекти на градот Охрид за наредните четири години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.