Daily news
Трамп ги менува сите што го истражуваат за руските врски
Во првите четири месеци од неговото претседателствување,Доналд Трамп ги смени од функциите в.д. јавниот обвинител, јавниот обвинител на Њујорк и директорот на ФБИ. Сите тројца воделе истрагата за него или за неговиот тим.
Кога ќе се погледнат овие отпуштања во целина се поставува дилемата – се обидува ли американскиот претседател да ја попречи истрагата која може директно или индиректно да го инкриминира така што се ослободува од независните истражувачи и обвинители?
Трамп најпрво ја смени в.д. јавната обвинителка Сали Јејтс во јануари, откако таа одби да ја брани неговата забрана за имиграција во судот, тврдејќи дека не е убедена дека законот е легитимен. Иако овој потег беше доста неочекуван, Јејтс сепак беше на функцијата само привремено, додека не се именува нов јавен обвинител на САД.
Сепак, како што беше откриено од нејзиното сведочење пред Конгресот, Јејтс беше отпуштена кратко време откако ја предупредила Белата куќа дека советникот за национална безбедност Мајкл Флин лажел за содржината на разговорите со рускиот амбасадор Сергеј Кисељак.
Трамп потоа побара од 47 државни адвокати на одредени сојузни држави или области, кои биле поставени за време на Барак Обама да поднесат оставка. Иако тоа го правеа и неговите претходници, зачудувачки е што два месеци подоцна нема никакви замени за овие 47 претставници.
Државниот обвинител во Њујорк, Прит Бахрара, одби да поднесе оставка, па Трамп мораше да го отпушти иако неколку месеци порано барал од него да остане на функцијата. Бахрара во тоа време водеше истрага за финансиското работење на министерот за здравство и социјална политика Том Прајс.
Ден пред да му биде побарана оставка, обвинителот бил повикан од Трамп да дојде во неговата канцеларија, што тој одбил бидејќи тоа е спротивно на протоколот наМинистерството за правда. Конечно, овој вторник е разрешен директорот на ФБИ Џејмс Коми.
Постојат неколку причини зошто оваа одлука е сомнителна, ако не и скандалозна. Претседателите обично ги оставаат директорите на ФБИ на функцијата иако се , поставени од страна на нивните претходници. Единствен преседан беше во 1993 година кога Бил Клинтон го смени Вилијам Сешн поради финансиска измама.
Инаку, првиот човек на ФБИ се избира со мандат од десет години токму за да се заштити оваа институција од политички влијанија. Објаснувањето на Белата куќа за смената на Коми е наводно неговото непрофесионално однесување околу истрагата против Хилари Клинтон во врска со приватните мејлови , иако Трамп беше многу задоволен од отворањето на истрагата пред изборите во октомври.
Трамп бил бесен поради сведочењето на Коми пред Когресот каде што негираше дека има основа неговото тврдење дека Барак Обама го прислушкувал и бидејќи потврди дека самиот Трамп е предмет на истрага за руското мешање во изборите.
Со смената на Коми и други Трамп испрати јасна и застрашувачка порака до Министерството за правда, до следниот директор на ФБИ и до целиот судски, полициски и разузнавачки систем на САД дека ако копаат премногу длабоко таму каде што не сака Белата куќа, ќе ги смени. крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.