Daily news
Три години по првите прислушувани разговори, СЈО обвини 100-тина лица за злоупотреби
На 9 февруари пред точно три години лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од партиското седиште во Скопје во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери ја објави првата бомба на опозицијата. Во првите аудиоснимки што Заев ги објави на 9 февруари 2015 година беа разговорите од него и од новинарката од Радио Слободна Европа, која го прашува за буџетот на Општина Струмица, разговор со ќерка му и разговор помеѓу ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ексминистерот за финансии, Зоран Ставрески.
Тогаш Заев ги обвини експремиерот Никола Груевски и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, дека по нивен налог биле прислушувани над 20.000 граѓани. Заев истакна дека, покрај прислушуваните опозиционери, новинари, биле прислушувани и министри од Владата, а бил прислушуван и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, иако во јавноста никогаш не беа јавно емитувани разговори со него. СДСМ набргу по првата бомба, поднесе и кривична пријава против ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, против ексначалникот на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски, како и против непознати лица во УБК.
Изборот на Јанева и нејзиниот тим
Обвинителката од Обвинителството во Гевгелија, Катица Јанева, беше избрана за специјален јавен обвинител на 15 септември 2015 година од Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетира со дополнителни 12 обвинители. Случајно или не, Јанева е родена на истиот датум, 9 февруари, кога беше објавена првата бомба на опозцијата. Нејзиниот избор беше дел од договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политичките партии и големо мнозинство пратеници во Собранието. Специјалното јавно обвинителство на почетокот воспостави стварна надлежност над 34 предмети, вклучително и на предметот „Пуч“, од кого подоцна се откажа, како и „Монструм“, „Диво Насеље“, „Ровер“…
Истраги и обвиненија
На 12 февруари 2016 година СЈО ја објави првата истрага наречена „Титаник“ за изборни нерегуларности. Потоа следуваа уште 10-ина истраги – „Таргет“, „Тортура“, ТНТ, „Транспортер“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“ „Тендери“, „Тенк“, „Тарифа“… По една година работа, СЈО се пресели во нов објект и ги поднесе првите две обвиненија, а лани во јуни преостанатите. Меѓу обвинетите е поранешниот политички врв на ВМО-ДПМНЕ.
Никола Груевски и Миле Јанакиески добија по 5 обвиненија, Сашо Мијалков 4, а Гордана Јанкулоска 3.
Во вкупно 20 обвиненија на СЈО опфатени се над 100 обвинети лица, како и 7 правни лица. Уставниот суд досега не се изјасни по иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на Законот за СЈО, што ја поднесе Тодор Петров. Оваа иницијатива сè уште се наоѓа во фиоките на судот. СЈО во декември лани отвори седум нови истраги против 17 лица, со кое треба да гони поранешни министри, директори, пратеници и новинари за кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба. Освен тоа, сè уште нема обвиненија за истрагите „Талир“ и „Табла“. Правосилна пресуда има по признание на вина во случајот „Таргет-Тврдина“. Пресуда беше донесена и во случајот „Тврдина 2“ за уништувањето на документација од системите за прислушување, како и две условни пресуди во случајот „Насилтво“.
На 15 март СЈО треба да го објави најновиот извештај за сработеното. Судењата за приближно сите обвиненија се во тек, освен за случаите „Титаник“, „Титаник 2“ и „Титаник 3“. Според досегашниот тек на судењата, најбргу може да се очекува пресуда во случајот „Труст“, бидејќи сите докази на СЈО се исцрпени, по што остануваат доказите на одбраната и завршните зборови.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.