Daily news
Тркалезна маса за состојбите на ромската популација
Ромскиот ресурсен центар и Центарот за семејно и детско згрижување „Атина“ ја организираа денешната тркалезна маса во рамки на проектот „Градење а посилно граѓанско општество за поттикнување на напорите за унапредување на образовната инклузија на Ромите“, финансиран од Европската Унија.
На тркалезната маса „Наоди од целисходни истражувања за состојбите на ромската популација“ учесниците имаа можност да ги слушнат сублиминираните податоци кои влијаат на вклученоста на децата Роми во формалното образование, од спроведените истражувања. Главните заклучоци се резултат на тримесечната работа на истражувачите со поддршка од страна на РРЦ и КМОП, и даваат исклучителни податоци во однос на капацитетите на граѓанските организации, генералните проблеми со кои се соочува ромската популација, како и легислативните рамки за образовна вклученост на децата Роми.
Наодите од анализата и проценката на капацитетите на граѓанските организации кои работат во областа на образовна инклузија на Ромите укажува на потребата од: професионално усовршување на сите ангажирани лица во граѓанските организации, зголемување на менторската поддршка во организациите при спроведување на одреден проект и изведување на сите негови делови и фази, поддршка на некои граѓански организации во процесот на подготвување на стратегиски документи и зајакнување на капацитетите за нивна имплементација, како и зајакнување на соработката на граѓанските организации со институциите на локално и национално ниво и вмрежување на работата на повеќе граѓански организации со цел изведување поголеми проекти во подолг временски период.
Клучни наоди од Романи мапа велат дека, согласно сознанијата добиени од стручните служби од основните училишта и Секторите за образование при општините, меѓу најдоминатни фактори кои негативно влијаат на образовната инклузија на учениците Роми се вбројуваат: ниското образовно ниво на родителите, нискиот социо-економски статус на семејствата, недоволното познавање на македонскиот јазик, непосетувањето на предучилишно образование, нередовноста во училиштето и др.
Испитаниците укажуваат на потребата од зајакнување на капацитетите за вклучување на учениците од поголема возраст во основното образование преку воннаставни активности и изготвување на посебни скратени програми, како и потреба за интервенција на наставниците за работа со „ранливата група на ученици“. Како најефективни наставни форми и методи за поддршка се бројуваат скратени програми за ученици кои не се вклучени во образовниот процес и се во поодмината возраст, како и соработката со родителите.
Главни заклучоци од анализата на легислативната рамка се: постојното национално законодавство за заштита на правото на ромските деца на формалното образование е сеопфатно и широко усогласено со стандардите на ЕУ. Иако, генералните слабости главно се поврзани со имплементацијата, а не се однесуваат на самата законска регулатива, во рамките на оваа анализа се предлагаат низа мерки кои на долг рок би придонеле за унапредување на образовната инклузија на децата Роми, помеѓу кои се вбројуваат: отстранување на правните бариери за дополнителен упис во матичната книга на родени, унапредување на законските механизми за поддршка на децата со ниски постигнувања во училиште, регулирање на задоцнет упис во прво одделение, воведување на дополнителни мерки за реинтеграција на учениците кои биле провремено отсутни од училиште поради престој во странство или сезонска работа и др.
Комбинацијата од локалното искуство на Ромски Ресурсен Центар и интернационалното искуство на КМОП, Атина, до сега се покажа како одлична и води до резултати. Одличната етаблираност и резултатите од терен во работата со Роми на РРЦ во Македонија, и долгогодишната работа на КМОП „Атина“, која имплементира активности од 1973, укажува на силно партнерство од кое се очекува да се преточи во уште повеќе иницијативи за подобрување на статусот на Ромите во Македонија, но и на други маргинализирани групи граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.