„Вицепремиерот Кочо Анѓушев ја искористи својата функција да си додели тендер сам на себе од неверојатни 2,6 милиона евра и тоа од ЕЛЕМ на својата фирма „Фероинвест“. Анѓушев се откажа од својата плата во висина од 1.000 евра, но очигледно е дека своето домашно салдо го надградува со милионски тендери и тоа во висина од 2,6 милиона евра“, изјави Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, за да се оправда самиот себеси, но и криминалната врхушка, се обидува да ја манипулира македонската јавност со смешни образложенија дека тој не е управител на фирмата „Фероинвест“, туку дека управител е друго лице, а тој е само сопственик.
„Ова е скандал од огромни размери. Сите независни правни експерти го осудија вицепремиерот Анѓушев, кој си додели тендер сам на себе во висина од 2,6 милиона евра. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше за вакви бонбона-бизнис намери на оваа Влада, дека нејзината примарна цел е само личен интерес и личното богатење со парите на граѓаните, а тоа се потврди и во изминатите 100 дена“, вели Трпески.
ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го повикува надлежното Јавно обвинителство да почне постапка за утврдување кривична одговорност дали и под кои услови тендерот ѝ е доделен на фирмата „Фероинвест“, која е во сопственост на вицепремиерот Кочо Анѓушев. „Поради сето ова, на 15 октомври граѓаните на Република Македонија ќе стават крај на ваквото криминално работење на владата на СДС“, изјави Славче Трпески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.