Daily news
Трпески: Кривичната пријава против мене е класична политичка хајка
Со мојот ангажман како советник на катастарот на Србија не е прекршен ниту еден член од ниеден закон, не сум ја злоупотребил својата позиција ниту, пак, сум отворал патни налози или пријавувал патни трошоци за бензин, а ме см ни користел службени возила или подигнувал дневници во функција на овој мој советнички ангажман, вели поранешниот директор на Агенцијата за катастар, Славче Трпески, по соопштението од Управата за финансиска полиција дека против него е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба.
Тој вели дека по барање на Светска банка работел на проектот финансиран од неа и му било чест со неговото знаење и искуство да помогне во развојот на катастарот на Република Србија.
Трпески додава дека најголемиот дел од неговиот ангажман го вршел од Република Македонија користејќи ги модерните алатки за комуникација, а за одењето во Република Србија користел неработни денови или денови од годишниот одмор, а сите трошоци се намируваа од страна на банката за што, како што вели тој, постојат докази.
„Од сето ова произлегува дека оваа кривична пријава е неоснована и претставува класична политичка хајка против мене заради моите активности со кои се спротивставувам на штетните политики што ги спроведува актуелната власт“, вели Трпески.
Тој вели дека денес од медиумите дознал за кривичната пријава.
„Воопшто во изминатиот период финансиската полиција од мене не побара никакви изјави, појаснувања, документација или појаснувања за предметот што го воделе. Исто така, би сакал да посочам дека советнички и консултатнстки ангажмани имаат и голем број лица од сите општетствени дејности, меѓу кои и судии, обвинители и државни службеници, кои даваат консултантски услуги во земјата и странство, со што секако не прават кривични дела бидејќи тоа е со закон дозволено“, вели поранешниот директор на Агенцијата за катастар.
Политичката хајка против мене, додава тој, е со цел да се покрие слабата работа на актуелното раководство на македонскиот катастар.
„Во ситуација кога актуелниот директор на катастарот Борис Тунџев спротивно на Изборниот законик за време на избори ги смени сите 30 директори на подрачните одделенија на катастарот, како и сите државни службеници што во изминатите 10 години ги донесоа реформите во катастарот, во ситуација кога истиот Борис Тунџев е актуелен в.д. директор на катастарот и истовремено сопственик на приватна геодетска фирма, а неговата сопруга е управител спротивно на Законот за судир на интересите и многу други закони, во ситуација кога се најави зголемување на цените на услугите што ги даваат приватните геодетски фирми и кои цени претстојниов викенд во Струмица треба да бидат детализираат, СДСМ одлучи да прави политички прогон против лица докажани во својата струка и барани од светски меѓународни организации, без ниту еден доказ сè со цел да се оттргне вниманието од актуелната политичка ситуација во земјата“, вели Трпески.
Со оглед дека со оваа кривична пријава неосновано се нарушува мојата чест и углед, вели тој, ќе следува поднесување кривични пријави за сите инволвирани лица, а за оваа политичка хајка, ќе бидат запознаени и сите меѓународни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.