Daily news
(Видео) Со диско музика, 50-ка се врати во ГТЦ
Со диско музика, автобусот на ЈСП со број 50 се врати во ГТЦ. Автобусите повторно застануваат во подрумот каде што денеска имаше бина од која диџеј пушташе музика.
На настанот имаше голем број на луѓе, а во автобусите што пристигнуваа на старо-новата постојка најбројни беа пензионерите.
Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, целта на враќањето на „пееска“ во ГТЦ е враќање на животот на трговскиот центар.
„ГТЦ го браневме, го гушкавме, излеговме на референдум, а сега е време да му го вратиме животот“, рече Шилегов.
Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, најави дека во иднина на постојката во подрумот ќе се врати и 57-ка.
„Овие темни и празни места зад нас некогаш беа полни и светли. За нешто да живее треба да има движење на луѓе, не ми е јасна причината поради која овие две линии, 50-ка и 57-ка, беа одземени. Ние тука сме да ја исправиме грешката. Сега ја враќаме 50-ка, а во иднина и 57-ка“, рече Трајчевски.
На пуштањето на автобуската постојка беше и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. „Во 2015 година заедно со невладините организации и граѓанските движења почнавме битка за да го спасиме ГТЦ од гипс, сега имаме нова битка – ГТЦ да добие нов дух и да го вратиме животот. Верувам дека ќе успееме да го направиме ГТЦ подобро место за сите нас“, рече Богдановиќ.
Додека траеше музичкиот хепенинг, организиран од Град Скопје, полни „пеески“ неколку пати застанаа и симнаа патници на автобуската постојка.
Автобусот со број 50 од Хиподром во правец кон Клинички центар ќе вози по изменета траса и тоа: после автобуската постојка „МНТ“ на улица Филип 2 Македонски ќе ја користи постојката во сутеренот на Градски трговски центар, наместо кај паркот „Жена борец“, а потоа ќе ја користи автобуската постојка „Центар-Рекорд. Во правец од Клинички центар кон Хиподром, автобуската линија ќе сообраќа по постојната траса.
М.И.П.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.