Daily news
Франческо Тоти: Последниот танц на „Принцот на Рим“
„Луѓето често ме прашуваат, зошто целиот живот и целата кариера ја помина во Рома? Рим за мене е целиот свет. Овој клуб, овој град, тоа е мојот живот“, се дел од зборовите со кои легендарниот Франческо Тоти се прости од својот клуб Рома.
Тоти, во неделата, во победа над Џенова (3-2), го одигра својот последен натпревар во дресот на Рома, а веројатно и во фудбалската кариера.
На преполниот „Олимпико“ тој во 54.минута го замени Мохамед Салах, одигра половина час, а подоцна имаше емотивно збогување со навивачите и со теренот на кој дебитираше во март 1993 година, на возраст од 16 години и шест месеци.
Од престолот замина на 40-годишна возраст, а дресот на Рома го носеше цели 25 години, што е вистински раритет во модерниот фудбал.
Во текот на кариерата, Тоти, имаше понуди од други тимови, со финансиски услови какви што никогаш Рома не можела да му понуди.
Многумина се прашуваат како? Бидејќи модерниот фудбал е светот на парите. Многу фудбалери понесени од финансискиот аспект, ги ставаат парите пред кариерите и заминуваат на места каде фудбалот не е толку добар како што е во Европа.
Тоти никогаш не сакал да игра за пари. Својот фудбалски талент и верноста и ја подари на Рома и поради тоа неговото име со златни букви е впишано во клупската историја.
Никогаш не направил позначаен резултат во Лигата на шампионите, а со Рома освои само една титула во Серија А и по две титули во Купот и Суперкупот на Италија.
Во кариерата одигра 786 натпревари и постигнал 307 голови, од кои 250 во Серија А. Со Италија стана светски првак во 2006 година.
„Рим е мојот дом веќе 40 години. Фудбалски, Рома е мојот дом 26 години. Кога и да сум играл, дали во првенството или Лигата на шампионите, се надевам дека ја преставував Рома и нејзиниот грб најдобро што можев. Се надевам дека сите вас ве направив да бидете горди.
Можете да кажете дека јас сум човек во чии живот секогаш постоел ред. Не се отселив од мојата семејна куќа се додека не оженив со мојата сопруга Илари.
Кога ќе погледнам зад себе знам дека ќе ми недостига секојдневната рутина, оние детали кои се повторуваат секој ден. Тренинзите, разговори во соблекувалната. Мислам дека најмногу ќе ми недостига да испијам филџан кафе со соиграчите. И тоа секој ден. Можеби еден ден ќе се вратам како спортски директор.
Луѓето често ме прашуваат, зошто цел живот го помина во Рома?
Затоа што Рим е моето семејство, моите пријатели, луѓето кои ги сакам. Рим е град, Рим е море, Рим се планините, спомениците. Рим секога се Римјаните.
Рим е жолто и бордо.
Рим за мене е светот.
Овој клуб, овој град, тоа е мојот живот.
Засекогаш“. крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.