Daily news
Хелсиншки комитет: Асани мора да биде под истрага за напад над полициска службеничка
По вчерашниот напад над полицајката од страна на Бекир Асани, функционер на ДУИ, при извршување на работна задача, денешниот исказ на полицајката кој излезе во јавност е дека постоел само вербален напад врз неа и дека таа самата се здобила со повреда при удар во специјалното возило „пајак“, реагираат денеска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.
Оттаму потенцираат дека Министерството за внатрешни работи поднело прекршочна пријава против Бекир Асани за нарушување на јавниот ред и мир, наместо кривична пријава за кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста”.
„Согласно со изјавата на полицајката, таа била вербално нападната додека ја вршела својата должност на проверка и контрола на неправилно паркирани возила меѓу кои било и возилото на напаѓачот, Бекир Асани. По агресивното однесување и вербално напаѓање, од страна на полицајката било повикано засилување, а подоцна и медицинска помош бидејќи, како што таа кажува, се удрила со левата рака во возилото од пајак-службата. Со овој опис на настаните, сметаме дека исполнето е битието на кривичното дело ‘напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет.
Оттаму цитирајќи го законот потсетуваат дека „тој што ќе нападне или сериозно се заканува дека ќе нападне службено лице или лице кое помага при вршење работи на јавната безбедност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Во став 2, пак, се наведува: „Ако при извршувањето на делото од став 1 сторителот се заканува со употреба на оружје или друго опасно орудие, го малтретира или го навредува службеното лице или лицето кое помага или телесно го повреди, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“.
Врз основа на ова, од Хелсиншкиот комитет констатираат дека за напад се сметаат и заканата, малтретирањето и навредата.
„Останува прашањето зошто МВР нема поднесено кривична пријава против лицето Бекир Асан за кривично дело ‘напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста’ од член 383 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека исполнето е битието на ова кривично дело“, истакнуваат оттаму.
Понатаму прашуваат што има преземено Секторот за внатрешна контрола во врска со овој случај, односно дали е разговарано со нападната полицајка и што е утврдено од разговорот со неа.
„Напоменуваме дека напаѓањето на полицајката и третирањето на овој случај повлекува и прашања за справувањето со случаите кога се работи за жени припаднички на полицијата и повлекува во најмала рака сомнеж за заштитата што им се дава на полицајките. За овие прашања Хелсиншкиот комитет ќе се обрати и писмено до МВР и Секторот за внатрешна контрола, а во меѓувреме исконтактирана беше и Секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат и понудена беше правна помош за случајот од страната на правниот тим во Комитетот“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.