Daily news
Хелсиншки комитет: Судот покритички да ја процени основаноста на притворот за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ
Хелсиншкиот комитет спроведе постапка по наводите од претставката поднесена од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за приведувањето и притворањето на дел од пратениците од пратеничката група на опозициската партија за настаните од 27 април 2017 година. Хелсиншки апелира дека со протек на време судот треба одново и покритички да ја процени основаноста и неопходноста на определување на мерката притвор со цел истата да биде во согласност со принципите и праксата на Европскиот суд за човекови права.
Согласно со надлежностите, Хелсиншкиот комитет информира дека се обратил до Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основниот суд Скопје 1.
„Одговор беше добиен од страна на Секторот за внатрешна контрола при МВР и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Во врска со самата постапка за определување на мерката притвор за групата пратеници – подносители на претставката, Комитетот утврди дека постапката пропишана според Уставот, Деловникот на Собранието и Законот за кривична постапка во врска со определување на мерката притвор и одземањето на имунитетот на пратениците е испочитувана од страна на надлежните институции“, велат од Хелсиншки комитет.
По завршувањето на предистражната постапка, од собраните докази во врска со критичниот настан во Собранието, донесена е наредба за спроведување истражна постапка. Согласно со закон, постапувајќи по убедувањето дека е нужно определување притвор и други мерки за обезбедување присуство, надлежниот обвинител поднел барање до судијата на претходна постапка. Судијата правилно постапил кога за истите лица најпрвин определил приведување согласно со член 157 од ЗКП со цел истите да ги испита за да може да одлучи за основаноста и неопходноста на предложените мерки кои зафаќаат во личните права и слободи, како што тоа го бара Уставот, ЗКП и член 5 од Европската конвеција за човековите права и слободи. Врз основа на овие наредби, неколку лица се приведени, додека други самостојно се јавиле пред судот кога дознале дека против нив е определена мерка приведување.
Откако судијата ги сослушал двете страни (обвинителството и осомничените и нивните адвокати), се впуштил во оцена на основаноста и нужноста на определување на бараните мерки за обезбедување присуство на осомничените. Со оглед на околноста на постоење процесна пречка во форма на имунитет на пратениците, судот правилно постапил согласно со Уставот и Деловникот на Собранието, кога во тој момент писмено се обратил до надлежните тела во Собранието. Ваквото толкување и примена на уставните и законските одредби според Комитетот е сосема исправно бидејќи нема логика прописите да се толкуваат на начин како што тоа се сугерира во поднесокот од група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, дека наводно прашањето за имунитетот требало да се постави уште во порана фаза, пред пратениците воопшто да се приведат.
„Такво толкување би значело непотребно вознемирување на работата на Собранието, доколку би се барало тоа да одлучи за прашањето на притворот уште во фаза кога тоа е само хипотетичко и не е поддржано од страна на судот“, смета Хелсиншки.
По однос на самото постапување при спроведување на мерките на приведувањето, Комитетот не можел со сигурност да утврди дали на пратениците неосновано им се ставени лисици само со цел тие да се омаловажат и понижат. Доколку тоа се утврди, истото ќе претставува повреда на домашните полициски процедури, како и повреда на членот 3 од Европската конвенција за човековите права. Фактот, пак, дека на приведувањето сведочеле членови на нивните семејства бездруго е несакана последица, но истата е своевидна колатерална штета на овие мерки кои треба да се користат во исклучителни случаи, па во таа смисла не наоѓаме дека во конкретниот случај осомничените се дискриминирани во однос на другите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.