„Република Македонија е се подалеку од европските демократски стандарди. Во Македонија се изрекуваат затворски казни заради напишан новинарски текст. Одлуката на судот со која на три месеци затвор или условна осуда од една година се осудува уредникот на неделникот „Република“ за објавен текст е правен преседан и притисок врз слободните медиуми“, изјави Иван Јорданов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, ова не е првпат со насилства и притисоци да се заплашуваат новинарите на „Република“. „Новинари на „Република“ беа напаѓани од страна на непознати лице пред седиштето на СДСМ, случај кој не е расчистен. Јавноста се уште не знае дали е санкциониран и поранешниот директор на УДБА Бабамовски, кој насилно влезе во редакцијата на медиумот и им се закануваше на новинарите дека сите ќе завршат на Дрисла“, рече Јорданов.
Според него, јавноста е шокирана од фактот што судот ја донел пресудата без притоа да го повика на рочиште осудениот. „Прашуваме кому му пречел текстот, кој воопшто не е демантиран и кој нарачал вакви драконски мерки наместо да побара исправка доколку нешто не е точно во написот на „Република“? ВМРО-ДПМНЕ напоменува дека судот не смее да потпаѓа под каков било притисок. Судот мора да постапува исклучиво во согласност со закон и да ги заштитува граѓаните и нивните права. Правната држава мора да профункционира. Судот мора да ги гарантира правата на граѓаните загарантирани согласно Устав. Судството како репрезент на третата власт мора да го почитува принципот на владеење на правото. Принципот на слободно новинарство мора да биде запазен од сите инстанци на власта. Овие принцип се едни од главените критериуми за придвижување на државата кон ЕУ и НАТО“, вели тој.
Според Јорданов, слободата на мислата и слободното новинарство не смеат да бидат жртва на политиката. Граѓаните мора да знаат кој е нарачателот на оваа срамна затворска пресуда која го поткопува новинарството.
„СДСМ ветуваше живот, слобода и демократија. СДСМ ветуваше слободни медиуми. Наместо тоа добивме заробени медиуми со новинари во страв да не бидат затворени за пишан збор. Цензура и притисок врз медиумите не смее да има. Притисокот врз медиумите не смее да стане наше секојдневие. Република Македонија е демократска држава и заслужува слободни медиуми кои ќе ја информираат јавноста. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги повикува сите новинарски здруженија во земјава, меѓународните новинарски организации, ОБСЕ, ОДИХР и меѓународни претставници да го осудат овој напад врз слобода на мисла и изразување. Слободното новинарство е темел на демократијата. Граѓаните тоа го заслужуваат“, изјави Иван Јорданов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.